Министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски денеска во Министерството за економија одржа работен состанок со претставници од сите најголеми супермаркети и дистрибутери на прехранбени производи во државата.

На состанокот се разговараше за мерката која што ја донесе Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени производи и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезифекциони сретства со состојба на денот на прогласување на пандемијата на СЗО, освен оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

На состанокот се разговараше и за залихите на основни производи со кои располагаат супермаркетите и дистрибутерите, за контролата на терен од страна на Пазарниот инспекторат како и начинот на работа и на организација на трговските објекти со цел поголема заштита и безбедност на потрошувачите.

– Заеднички со претставниците на супермаркетите и дистрибутерите одлучивме дека нема простор за паника. Има доволно залихи на основни продукти. Нас ни останува да бидеме свесни и да се грижиме за здравјето на граѓаните и на вработените во супермаркетите кои се на најголем удар и контакт со потрошувачите – потенцираше Бектеши

Министерот ги повика сите граѓани разумно да купуваат, но истовремено супермаркетите да направат внатрешни планови на организација за да им излезат во пресрет на потрошувачите.

– Супермаркетите се општествено одговорни и убеден сум дека ќе се организираат на најдобар можен начин – потенцираше Бектеши.

Како што најави министерот за економија Бектеши, Пазарниот инспекторат ќе врши контроли во супермаркетите дали се почитуваат цените, а граѓаните доколку забележат непочитување на оваа мерка можат да пријават на телефонскиот број 02 3220-547. Ќе се вршат контроли и во магацините и дистрибутивните центри за да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи.

– Обрска на Пазарниот инспекторат е да врши надзор на одлуките што ги носи Владата. Сите пазарни инспектори дури и оние кои што можат да ги користат олеснувањата согласно препораките на Владата се на терен. Вкупно 18 часа инспекторите се на терен. Сакам да упатам благодарност до сите оние кои што ги почитуваат препораките за да останат помалку луѓе што ќе бидат подложни на контролата на Пазарниот инспекторат. Од наша страна ќе направиме се да им излеземе во пресрет и на граѓаните и на супермаркетите се со цел да излеземе во пресрет во оваа кризна состојба – истакна директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

Претставниците од супермаркетите и дистрибутерите на храна информираа дека имаат залихи за 30-45 дена, како во редовни услови. Им порачуваат на граѓаните да не паничат, да бидат релаксирани и да водат сметка единствено за своето здравје.

– Состојбата е под контрола. Нема апсолутно причина за паника, за купување залихи. Нашите залихи се за 30-45 дена, во редовниот обем. Трговците и државата стојат зад нас, охрабрени сме. Сакаме да ги релаксираме потрошувачите, сите стратегиски артикли ќе ги има во доволни количини – изјави Љупчо Васовски, претставникот на „Тинкес“.

Претставниците од трговскиот ланец „Веро“ после средбата истакаа дека ги координираат сите активности за нормално фунцкионирање,.

– Работиме максимално на заштита на условите на работа на сите наши вработени, но и на потрошувачите. Во постојан контакт сме со добавувачите и правиме максимални напори за снабдување на дефицитарните производи. Апелирам дека нема потреба од паника, работиме интензивно. Сите потреби ќе бидат намирени – истакна Петар Денковски претставникот од „Веро“.

Дистрибутерите на храна се согласни со супермаркетите дека нема простор за паника. Сопственикот на „Даути Комерц“ Џемаил Даути порача до институциите да имаат постојан контакт со соседните државни за да нема застој на граничните премини.

– Минатата недела имавме потешкотии за увоз на стока, но од вчера, благодарение на Владата, коридорите се ослободени од земјтие кои направија ограничувања. Веќе се регулирани коридорите од каде доаѓа стоката. Нема место за паника. Имаме залиха за 30 дена и тековно се носи стока. Бараме постојано контакт со соседните земји, за да нема застои на граничните премини, како и да се ослободат контингентите и царинските давачки за брашно, зејтин и шеќер, да има забрана за увоз од Србија каде цените се пониски – истакна Џемаил Даути, сопственик на „Даути комерц“.