Министерот за економија Крешник Бектеши на вечерашната седница на Влада ќе побара замрзнување на цените и на лимоните и портокалите. Барањето доаѓа откако граѓаните пријавија дека на многу места цената на овие продукти кои не влегоа во основниот пакет со замрзнати цени, е вртоглаво порасната во услови на зголемена побарувачка.

– Подготвив одлука која вечерва ќе ја предложам на Влада за измена на Законот за трговија со која и на овие продукти нема да може да растат цените. Го охрабрувам граѓаните да пријавуваат секакво непочитување. Сите кои манипулираат со цените ќе бидат казнети со 5.000 евра, а ќе одговараат и по членовите 205 и 206 од Кривичниот законик каде се предвидува и казна затвор од една година – рече министерот Бектеши.

Владата пред четири дена ги замрзна цените на основните продукти – леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства.

Нивните цени не е дозволено да бидат поголеми од цените кои ги имале во моментот кога Светската здравствена организација ја прогласи пандемијата. Исклучок се оние продукти за кои економските оператори имаат доказ за зголемени увозни фактури.

Зголемени цени на продуктите кај кои не е дозволено поскапување како и кафеани и ресторани кои работат наспроти одлуката да бидат затворени поради забраната за јавни собирања од понеделник граѓаните ќе можат да пријават на бесплатната телефонска линија 191.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски објасни дека на актуелните броеви на пазарната инспекција за пријава не непочитување инспекторите не можат да одговорат оти постојано се на терен.

– Нашите инспектори 18 часа во денот се на терен и од тие причини не можат да одговорат на повиците. Од понеделник на бројот 191 граѓаните на ниво на држава ќе можат да пријават ако некој ресторан или кафуле работи или цените на основните производи се покачени, а иснпекторите веднаш ќе постапат по пријават – рече директорот Пауновски.

Министерот Бектеши рече дека ја разбира паниката кај граѓаните поради која нерационално се празнат супермаркетите и повика на разумност и солидарност.

Тој најави втор пакет мерки кој на погодените компании ќе им помогне да не отпуштаат работници поради намален обем на работа за време на вонредната состојба, посебно компаниите поврзани со угостителство, туризам и транспорт.