Фото: Игор Бансколиев

Бездомниците се особено ранлива категорија за ковид-19. Бидејќи немаат дом, нема каде да се самоизолираат и да се заштитат. Освен тоа, бидејќи спијат на улица, или во импровизирани живеалишта под мостовите, многумина од нив имаат здравствени проблеми

Секојдневно на булеварите во Скопје возачите со соочуваат со деца што питаат или работат на улица, бараат пари или нудат услуга за миење на шофершајбните на автомобилите. На еден или друг начин секој возач може да биде во контакт со нив. Иста е состојбата и низ поголемите градови низ земјата. Пред поголемите маркети често ќе се соочите со бездомници што питаат или бараат храна и пари. Заедничко е што и едната и другата група не носат заштитни маски и опрема, а се директен потенцијален контакт со стотици луѓе во денот. Опасноста од ширење на вирусот е заемна, колку што тие можат да го добијат од некој друг, толку можат и да го прошират.

Бездомниците се особено ранлива категорија за ковид-19. Бидејќи немаат дом, нема каде да се самоизолираат и да се заштитат. Освен тоа, бидејќи спијат на улица, или во импровизирани живеалишта под мостовите, многумина од нив имаат здравствени проблеми.

Овие категории на луѓе според анализите се едни од најранливите и најризичните во ситуации на пандемии. Но во Македонија нема детални информации дали некој воопшто се грижи за нив, ниту, пак, детали дали воопшто оваа група на луѓе е опфатена во некоја од програмите за заштита или скрининг-тестирање.
И големите европски и светски градови имаат проблем со оваа категорија луѓе, кои се особено погодени во услови на пандемија.

Како Македонија се спарува со луѓето што живеат на улица? Дали некој контролира колку од овие лица се заразиле од коронавирусот?
Од Црвениот крст на Република Македонија велат дека повеќе од 100 бездомници секоја среда и петок добиваат топол оброк во пунктот за бездомници во Момин Поток. Во оваа состојба на вонредни услови другите денови во неделата мобилни екипи на Црвениот крст патролираат низ скопските улици и им делат храна, дезинфекциски средства, маски и ракавици на луѓето што живеат на улица.
Секретарката на Црвениот крст, Сузана Тунева Пауновска, вели дека досега немале случај на заболен бездомник од коронавирусот, ниту, пак, имало индикации за нивно тестирање.

– Тие доаѓаат во пунктот за бездомници, каде што има доктор, кој е во постојана комуникација со нив и ја знае нивната здравствена состојба и хронични терапии што ги примаат. Досега немало потреба да биде тестиран некој од нив – вели Тунева Пауновска.

Во базата на Црвениот крст на Град Скопје има регистрирано 180 бездомници, а во другите градови уште дваесетина бездомници.
– Некои од нив не се класични бездомници, многумина од нив живеат во импровизирани живеалишта, а многумина живеат и во семејства наречени номади – посочува секретарката на Црвениот крст.
Оттаму велат дека во услови на пандемија има повеќе луѓе што одат во пунктот да земат оброк и алишта.

Министерството за труд и социјална политика уште на почетокот на кризата со коронавирусот информира дека четирите прифатни пунктови за бездомни лица, отворени во соработка со Црвениот крст, се функционални и во согласност со препораките на Владата делат пакувана храна, маски и гелови за дезинфекција за бездомните лица.

– Во функција се прифатните пунктови во Скопје, Битола, Струмица и во Струга. Дополнително, во Скопје функционира и медицински пункт во Момин Поток, во организација на Црвениот крст. Хигиенски производи им се дистрибуирани и на бездомните семејства сместени во Визбегово. Министерството преку центрите за социјална работа организира акција за набавка и дистрибуција на средства за дезинфекција и заштитни средства за семејствата што живеат во супстандардни услови – соопштија тогаш од ресорното министерство.

[email protected]