Македонската банкарска асоцијација информира дека банките и штедилниците интензивно преземаат активности за заштита на здравјето на клиентите.

– Апелираме до граѓаните, заради заштита на јавното здравје, филијалите и експозитурите да се посетуваат само кога тоа е неопходно и да се настојува што повеќе да се користат услугите за електронско и мобилно банкарство, кои во овој период бесплатно се достапни 24/7 (преку овие услуги може да се вршат трансакции и за плаќање сметки – услуга за која повеќе граѓани сѐ уште ги посетуваат филијалите и експозитурите). При неопходна посета на филијалите и експозитурите да се почитуваат насоките за соодветна раздалеченост и препораките за самозаштита.

Исто така, да се почитуваат насоките дадени со цел преку чекањето пред филијалите и експозитурите кога тоа е неопходно да не се загрози здравјето. Да се избегнува користењето готовина и при плаќања секаде каде што е можно, да се користат платежните картички.

Со цел соодветно постапување во функција на заштита на јавното здравје, во текот на овие денови, кога заради исплатата на пензии и на социјална помош, бројот на клиентите што ги посетуваат филијалите и експозитурите е зголемен, и тоа особено во одредени делови од денот, банките, покрај поставувањето ознаки за соодветна раздалеченост пред филијалите, експозитурите и банкоматите, како и известувања и визуелни препораки за заштита на влезовите, постепено воведоа и редарски служби со надворешно ангажирани лица или со вработени од филијалите и експозитурите секаде каде што беше потребно, а се издаваат и броеви за ред за чекање. Во текот на денешниот ден, во рамките на овие активности со поддршка се вклучи и Министерството за внатрешни работи за што искрено сме благодарни. Но, имајќи предвид дека и покрај сите преземени активности, пред некои од филијалите и експозитурите во текот на денешниот и изминатите неколку денови имаше поголемо присуство на клиенти, апелираме до граѓаните, заради заштита на здравјето, да ги следат препораките што ги упатуваме во однос на физичката посета на банките – се вели во соопштението.

Во моментот се разгледуваат повеќе опции за соодветно натамошно организирање на работата, особено при следните исплати на пензии и на социјална помош кога бројот на клиенти што ги посетуваат банките е поголем.

– Притоа се имаат предвид и мерките за временско ограничување на движењето, како и бројноста на персоналот што е активен во овој период во банките, бидејќи некои од вработените се отсутни поради мерките за заштита (родители), а истовремено сите банки имаат креирано и резервни тимови во случај на евентуална контаминација. Уверени сме дека во натамошниот период процесот ќе се одвива поефикасно со заложба и од страна на банките и од страна на клиентите што ќе ги следат препораките. Заради соодветна информираност на клиентите, препорачуваме да се следат комуникациските канали на банките преку кои се објавуваат и информации за реорганизацијата и промените во работното време, начинот на користење на филијалите и експозитурите (во моментот влез од 2 до 5 клиенти во исто време), како и за режимот за работа за исплата на пензиите и на социјалната помош. Ве уверуваме дека сите банки и штедилници преземаат и ќе преземаат активности во рамките на својот максимум за заштита на здравјето на своите клиенти – се додава во соопштението.