Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин (лево) се сретна со градоначалникот на Штип Сашко Николов

Убеден сум дека вакцинацијата на граѓаните на вашата земја ќе се одвива непречено и дека договорот потпишан од страна на рускиот Фонд за директни инвестиции и македонското Министерство за здравство ќе биде испочитуван, изјави амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на Штип.

– Знаете дека во март годинава рускиот Фонд за директни инвестиции потпиша договор со министерството за здравство, со кој се предвидува снабдување со 200 илјади дози. До денес испорачани се 6.000 дози. Се работи на испорака на преостанатото количество на вакцини. Руската страна доследно ќе ги исполнува своите обврски да обезбеди испорака на вакцините во вашата земја – истакна Баздникин, додавајќи дека руската вакцина е апсолутно безбедна.

Рускиот амбасадор во Штип се сретна со градоначалникот Сашко Николов. Тие разговараа за изгледите за развојот на билатералната соработка во економијата, образованието, туризмот, градската економија и други области.

Вакцинацијата на поголема група од населението во Македонија почна токму со руската вакцина „спутник 5“, откако Србија донираше 20 илјади дози. Се очекува во Македонија да стигнат уште 200 илјади дози од руската вакцина.