Малите и средни претпријатија до 50 вработени, семејните компании и претприемачите се најпогодени од новите состојби предизвикани од Ковид-19. Субјектите со претежна дејност во угостителство, ставија клуч на врата по донесената уредба од Владата за затворање како резултат на опасноста од ширење на вирусната инфекција.

Здравјето на граѓаните е најважно, но не смее да се дозволи да пропадне оваа дејност и луѓето вработени во овој сектор сред здравствена криза да останат без никаков приход за да се прехранат, е пораката од денешната прес конференција на Туристичко угостителската комора која изнесе предлог мерки за ублажување на последиците од оваа состојба.

Мартин Ангеловски од Групацијата за Угостителство вели дека сите здруженија на угостители низ градовите во земјава се во иста позиција, покрај заканата од Ковид 19, под дирекна закана се и во борбата за зачувување на работните места и овие мали претпријатија да не пропаднат.

– Здравјето е најважно, но без помош, секој изминат ден е трошок кој веќе не можеме да си го дозволиме од сопствени извори на финансирање. Овие субјекти се микро и мали, а поради уредбата имаме нула приходи во дејноста и поради тоа не можеме да ги покриеме трошоците. Повеќето од нас користат кредити од комерцијалните банки, за кои се уште нема одлука за мораториум како во другите држави – рече тој.

Ангеловски вели дека повеќе од 29.000 работни места во угостителството се загрозени.

Предлог мерките на угостителите се следни: субвенционирање на минимална бруто плата за вработените, во периодот додека траат превентивните мерки, одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните 6 месеци, замрзнување и репрограм на обврски по кредити и камати како и други доспеани обврски према банките до завршување на кризата, да профункционира итно и без одложување отварањето на кредитните линии со субвенционирана камата.

Исто така, предлог е и да не се применува Законот за финансиска дисциплина во наредните 3-5 месеци, да има одложено плаќање на сите режиски трошоци до завршување на пандемијата, да не се исклучува поради неплаќање вода, струја и други основни услуги, да не се наплаќа персонален данок и ДДВ за кириите.

– Доколку нема предвидена помош со која ќе можеме да се одржиме, потребно е веднаш да ни биде соопштена таа одлука, за да може вработените кои ќе бидат одјавени и ќе останат без работа заклучно со 31.03 да аплицираат навремено за други мерки за помош за да не останат без никаков приход. За оние што ќе опстојат кога ќе помине кризата, кога ќе се отворат услови за рестартирање солидарно сите повторно ќе бидат пријавени на работа – додаде Ангеловски.