Хронично болните, до 23-ти септември треба да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа. Од Министерството за здравство информираат дека за таа цел пуштени се дополнителни термини во Мој Термин и е-амбуланта, а доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, рокот ќе биде пролонгиран.

– Со ова ќе се овозможи секој пациент, кој навистина треба да биде ослободен од работа, да посети специјалист и да ја добие соодветната потврда – велат од Министерството.

Како што беше наведено минатата недела по средбата, станува збор за широка категорија и за да се избегне злоупотреба на системот, лекарот специјалист врз основа на својата експертиза и состојбата на пациентот ќе процени дали тој може да се врати или ќе добие потврда дека е ослободен од работа.

За потребите на системот, направена е измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување и значително се олесни процедурата со која се овозможува лекарот специјалист да даде потврда за отсуство од работа во времетраење од 6 месеци.

– Со препораката на Комисијата за заразни болести и одлуката на Владата и натаму ќе бидат заштитени најрзичните категории. Според одлуката, оние кои навистина треба да бидат дома, остануваат дома и целосно ќе се избегне злоупотреба на системот. Согласно истата одлука, ослободени од работа ќе бидат и бремени жени до крајот на годината, односно до 31 декември – додаваат од Министерството.