Комисијата за заразни болести размислува, а Министерството за образование и наука се противи наставата во новата учебна година да се спроведува онлајн.

Министерот Арбер Адеми, вели дека онлајн настава ќе има само доколку министерството биде принудено да се определи за ваков начин на спроведување на образовниот процес.

Тој посочи дека засега се разгледуваат три модели за настава, од кои, во текот на наредните денови ќе треба да се одреди кој ќе се спроведе.

– На состанокот на Комисијата за заразни болести е дискутирано за одвивањето на наставата во новата учебна година. Разгледани се моделите за организирање на наставата и аргументите за секој модел, заедно со предностите и ризиците од секој модел. Конечна одлука, односно, заклучок нема ниту во Комисијата за заразни болести. Ќе продолжат консултациите. За ова прашање разговаравме и на седница на Владата. Имавме широка работна група, првиот модел е организирање и реализирање на наставата со физичко присуство, второ е далечинско учење и третиот модел е комбиниран модел. Во МОН преовладува мислење дека треба да се организира настава со физичко присуство, но секогаш имајќи ги предвид епидемиолошката состојба и условите во училиштата. Тоа значи дека секаде каде ни дозволува епидемиолошката состојба со физичко присуство и каде има услови да се организира наставата со физичко присуство, а имајќи ги предвид протоколите кои сме ги подготвиле, тогаш треба да се организира наставата на таков начин – рече Адеми.

Сепак, според него, одлуката ќе се донесе според епидемиолошката состојба во земјата.

– Нашиот став е јасен, нема замена за наставата организирана со физичко присуство, но сепак треба да водиме сметка за здравјето на учениците и да водиме сметка за епидемиолошката состојба. Наставата со физичко присуство би се одржала со конкретни мерки и упатства за безбедна настава. Во училиштата каде се пребукирани, таму треба да има дел онлајн настава, а дел со физичко присуство. Тоа значи дека ќе се поделат училниците со помал број ученици, една група би следела настава со физичко присуство, а во исто време другата група преку средства за електронска комуникација би ја следеле наставата во реален час, а доколку не можат лекциите би се поделиле од националната платформа, каде се обработени темите и содржините. Исто така, ако би се одлучиле наставата да се одржи со физичко присуство, а имаме деца кои имаат хронични болести или респираторни болести, тие би можеле преку средствата за електронската настава да ја следат наставата. Се зависи од епидемиолошката слика, ние сакаме да се обезбеди најбезбедниот модел, водејќи сметка за образовниот процес и здравјето на учениците. Најлесно е да се определиме за онлајн настава, но пак ќе повторам, само ако бидеме принудени и нема друг начин, би се определиле за ваквиот модел, за вакво организирање на наставата – додаде министерот.


Комисијата за заразни болести бара дополнителни информации од МОН

Комисијата за заразни болести во присуство на претставници на Министерството за образование и наука денес повторно дискутираше за Планот за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година подготвен од МОН, од аспект на безбедност на сите чинители во наставниот процес – учениците, наставниците, помошниот персонал, како и од аспект на спречување на ширење на заразата со коронавирус во училиштата.

Од страна на Комисијата за заразни болести беше побарано од МОН да достави податоци за сите училишта во сите општини земјата и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство.

Денес на Комисијата за заразни болести беа присутни и претставници на Министерството за труд и социјална политика и се разгледуваа и се разговараше и за протоколите за почеток на работењето на градинките. Заклучокот беше дека дел од протоколите треба да се доработат од страна на МТСП, да се разгледаат и потоа да се донесе одлука во врска со почеток на работењето на градинките.