Лажна вест е дека ќе се продолжи школската година поради пандемијата со коронавирус, објави министерот за образование Арбер Адеми.

Откако на социјалните мрежи почна да се споделува наводно донесена уредба од Министерството за образование и наука со која е донесена одлука за продолжување на учебната година и дека учениците ќе се вратат во клупите од 18 мај, министерот Адеми го сподели лажниот документ, прецртан со црвена боја и напиша : Лажна вест.

Демант пристигна и од надлежното министерство.

– Министерството за образование и наука ја демантира информацијата која денес е објавена во дел од медиумите за наводно усвоена Уредба од страна на Владата со која основните и средните училишта продолжуваат со работа од 18 мај 2020 година.

Информираме дека се работи за лажна информација и документ кој воопшто не е подготвен од страна на МОН и усвоен од Владата. Оваа тема не била предмет на дискусија на владините седници во изминатите денови.

За сите одлуки кои институциите на системот координирано ги носат за време на вонредната состојба, јавноста е секогаш навремено информирана од страна на службите задолжени за односи со јавност.

Апелираме да не се креираат и шират лажни вести, бидејќи тоа не оди во прилог на заедничката заложба за справување со актуелната состојба и создава дополнителна вознемиреност кај граѓаните во овој исклучително тежок период за сите нас – се вели во соопштението.

Според лажната уредба која што се споделува на социјалните мрежи, учениците треба да се вратат на училиште откако ќе се обезбедат сите услови за настава, во три смени, а часовите би се скратиле од 45 на 30 минути.