Австрија воведува највисоко ниво на предупредување за патување во Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Македонија, објави денеска владата во Виена.

– Највисокото предупредување за овие земји стапува на сила веднаш – рече австрискиот министер за надворешни работи Александeр Шаленберг. Станува збор за безбедносно ниво 6, што обично се издава само за земји каде што преовладуваат воени конфликти.

Министерката за интеграција Сузана Рааб, алудирајќи на над половина милион австриски државјани со корени во една од државите, апелираше до граѓаните да ги откажат патувањата во државите од кои потекнуваат.

– Патувањето во овие земји треба да се откаже по секоја цена – рече Рааб на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи.

Шаленберг рече дека случаи на инфекција се веќе пријавени во Австрија, но и во Словенија и во Хрватска, кои се поврзани со луѓе кои се вратиле од некои од земјите од Западен Балкан.

Министерот за внатрешни работи Карл Нехамер најави интензивни контроли во граничната област.

За луѓето кои доаѓаат од една од овие земји, враќањето во Австрија ќе биде можно само со двонеделен карантин или со негативен тест за коронавирус.