Ќе се дезинфицираат 1.955 душеци во градинките во Центар

65

Во матичниот објект на ЈУДГ ОЦ „13 Ноември“, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претставници од компанијата CLEAN MAX, ги најавија активностите за дезинфекција и санитизација на детските и бебешките душеци во сите центарски градинки.

Со користење на современа технологија и револуционерен систем за дезинфекција, ќе се санитизираат, чистат, освежат и заштитат површините на душеците во детските градинки во Центар.

– Започнувајќи од денеска, овие акции ќе се спроведат во трите градинки на територијата на Општина Центар: „Кочо Рацин“, „Р. Ј. Корчагин“ и “13 Ноември“ и ќе бидат опфатени останатите 11 објекти – клонови на градинките. Со оваа активност, донација од компанијата CLEAN MAX, ќе бидат дезинфицирани и санитизирани вкупно 1.955 детски и бебешки душеци – изјави градоначалникот.

– Како компанија сметавме дека ова е вистинско време да преземеме дополнителни заштитни мерки за зголемена безбедност и воедно, безбедно враќање на децата во градинките. Се врши инспекција од можна појава на тавтабити и доколку се воспостави дека постои појава на креветни тавтабити, се продолжува со следниот процес кадешто се врши вшмукување на правта, мртвата кожа и влакната кои се наоѓаат длабоко во душекот Следната револуционерна фаза во нашата технологијата е УВЗ технологија, која научно е докажана за уништување на сите видови бактерии, вируси, останати микроорганизми и нивно размножување – изјави Дијана Бадаровска Мицова.

Покрај оваа мерка, која се презема како дополнителна заштита и зголемена безбедност против ковид-19, во Општина Центар, започнати се скрининг тестирања за воспитно-образовниот кадар и останатиот персонал во детските центарски градинки, како заштитна мерка пред донесување на Уредбата од Владата за отворање на градинките.