Што е „паметен карантин“ кој го воведува Чешка?

94

Во Чешка почна тестирање преку таканаречен „паметен карантин“, што значи следење на луѓето преку користење на телефони и банкарски картички.

„Паметниот карантин“ подразбира дека преку податоците од провајдерот на мобилните телефони и од банкарските картички забрзано го тестираат контактот на луѓето заразени со коронавирус.

Тие мерки, кои успешно ги користеа Тајван и Јужна Кореја, за почеток се применуваат во Јужноморавскиот регион, со цел што побрзо сите граѓани на Чешка се ослободат од општите ограничувања за движење.

„Паметниот карантин“ го организира војската, а со таа мерка управува шефот на националниот Централен кризен штаб, епидемиологот Роман Примула.

Тој изјавил дека по Велигден ова мерка ќе биде воведена во сите региони, а некои од општите мерки ќе се укинат.

„Паметниот карантин“ подразбира дека со согласност на заразениот, со посредство на податоците од провајдерот на неговиот мобилен телефон ќе бидат проверени Џи-Пи-Ес локациите и на основа на плаќањето со банкарската картичка, каде се се движел во последните пет дена и кого можел да сретне и зарази.

Луѓето со кои бил во контакт заразениот мораат да бидат во карантин. Во рок од неколку часа ќе дојде армиски тим да им земе примерок на тестирање, а ако и тие се заразени, карантинот ќе им биде продолжен на 14 дена.

За „паметниот карантин“ армијата издвои 253 војници и 82 возила, а Генералштабот има епидемиолози, лекари, а армијата свои три болници, рекол премиерот Андреј Бабиш.