Шест новозаразени од ковид-19 во Прилеп и затворена една градинка

123

Од Центарот за јавно здравје информираат дека денеска во општина Прилеп има 6 нови случаи на коронавирус, а 6 лица оздравеле од заразната болест. Едно лице на возраст од 63 години почина како последици од болеста. Бројот на активни случаи изнесува 226, од кои 192 се наоѓаат на домашно, а 34 на болничко лекување. Во домашна изолација и самоизолација се наоѓат 574 лица.
Коронавирусот во Прилеп ја затвори најмалата градинка со околу 20 деца, а уште 15 други деца се во изолација од друга градинка.
Директорот на градинките „Наша иднина“ Орце Тодороски вели дека заразени од вирусот се две негователки и една воспитачка.
– Градинката кај Работничкиот универзитет е затворена заради заразаеност на две негувателки. 20-те деца се пратени во изолација. Во изолација од оваа градинка се и осумте члена на персоналот. Градинката е дезинфицирана и ќе се отвори по 20 дена. Позитивна на корона вирус е и една воспитувачка од градинката „Аличаир“ каде во самоизолација се пратени 15 деца, заедно со воспитувачката која била во контакт со заразената негувателка – вели Тодороски, истакнувајќи дека во другите градинки засега нема никаков проблем.
Во петте градинки во Прилеп се сместени околу 450 деца.
Во училиштата само едно, второ одделение во ОУ „Климент Охридски“ со 20 деца е во изолација откако наставничката испадна позитивна на коронавирусот.
Вкупниот број на заразени од ковид-19 од почетокот на пандемијата во Прилеп изнесува 931. 

Ка.М.