Четворица новозаболени од ковид-19 во Кичево

500
Фото: Зоран Антоски

Нов пораст на инфицирани од ковид-19 во Кичево. Така, денес се регистрирани четворица новозаболени од коронавирус , по што вкупниот број се искачи на 44. Од оваа бројка 38 се сметаат за активни случаи, петмина граѓани се излекувани, додека едно лице почина. И денес новозаболените се лица од познати кластери, а поради полесна и средно тешка клиничка слика, поголемиот дел се наоѓаат на домашно лекување, додека помал дел се на инфективното оделение во Битола.

Општинскиот кризен штаб будно ја следи состојбата, за да не дојде до забрзан пораст на новоинфицирани од ковид-19. Неспокојството кај граѓаните поради порастот на новозаболените е видливо при секој разговор, а постарите лица поради ранливоста од овој вирус се помалку се на улица, или пазарат и се враќаат дома без вообичаените прошетки и дружби.

– Ова станува се поопасно за нас постарите, имајќи ја во предвид ранливоста од овој вирус. Затоа е подобро да останеме дома уште извесен период, отколку да се изложуваме на директна опасност од коронавирусот – вели Петар Тренески, постар жител на Кичево. З.А.