Херој е второто име на вработените во „Ре-медика“

66

Иако со намален капацитет, со преземање на сите мерки за заштита и внимателност, успеваме да зачуваме еден ритам на работа, кој нема да го загрози персоналот на болницата, а од друга страна, ќе бидеме отворени за сите оние на кои здравствената помош им е неопходна, децидни се и решителни во првата приватна општа болница „Ре-медика“

ОДБЕЛЕЖАН 15-ОТ ЈУБИЛЕЕН РОДЕНДЕН НА ПРВАТА ПРИВАТНА ОПШТА БОЛНИЦА СО КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА

Првата приватна општа болница „Ре-медика“, вчера, на Светскиот ден на здравјето, го одбележи својот јубилеен 15-ти роденден. По тој повод, беше одржана традиционалната крводарителска акција, во која учествуваа вработените во болницата, со што ги потврдија нивната хумана мисија и професионалноста што доаѓаат до израз секојдневно.
Болницата работи континуирано и во услови на пандемија, во ритам што не ги загрозува медицинскиот персонал и сите вработени, истакна проф. д-р Андреја Арсовски, медицински директор на „Ре-медика“.
– Никој не знае како ќе се одвиваат работите, колку ќе бидат реалните потреби од крв, така што веројатно многу е потешко да се спроведуваат овие крводарителски акции, со оглед на состојбата во која се наоѓаме. Ние решивме дека и оваа година, по повод 7 април, на роденденот на „Ре-медика“, во рамките на можностите од нашите вработени да донираме крв, која ќе биде правилно искористена за оние на кои им е најнеопходна – рече д-р Арсовски.

Тој додаде дека овој јубилеј се паѓа во време, кое бара рестрикции во однесувањето на сите во секаков аспект.
– Ние сакаме да го им честитаме Светскиот ден на здравјето на оние здравствени работници што се на првиот удар во одбраната од оваа епидемија. Како наш придонес, се трудиме во рамките на целокупната ситуација и понатаму да останеме отворени во однос на оние најнеопходни здравствени услуги, кои треба да ги даваме. Иако со намален капацитет, со преземање на сите мерки за заштита и внимателност, успеваме да зачуваме еден ритам на работа, кој нема да го загрози персоналот на болницата, а од друга страна, ќе бидеме отворени за сите на кои помошта им е најнеопходна.

Уште еднаш сакам да им го честитам 7 април на сите здравствени работници и да им посакам многу здравје и успех во справувањето со епидемијата, особено на оние што секојдневно и несебично се изложуваат на сите опасности и успеваат да ја држат оваа епидемија под контрола – додаде медицинскиот директор.
Во рамките на својот роденденски концепт, преку своите социјални медиуми болницата организира награден квиз за сите трудници. Ирена Велковска е добитничка на бесплатно породување, а Билјана Динова и Анита Михајлоски, добија ваучер од 15 отсто попуст за породување.

Во услови на вонредна состојба поради коронавирусот, во болницата вчера беше одржана крводарителска акција по сите здравствени протоколи, во согласност со мерките и препораките на Светската здравствена организација и Владата.
Љупка Андовска Стаменковски, медицинска сестра на Одделот за неонатологија и педијатрија, вели дека ова ѝ е 10-то по ред дарување крв.

– Ова ми е десетто по ред дарување крв. Пред сѐ, ова за мене е хуманост, желбата да му се помогне некому е основна човекова вредност. Иако има апели дека има доволно крв во ситуацијава со коронавирусот, сепак јас како крводарителка сметам дека секоја капка крв е добредојдена – рече Андовска Стаменковски.
Ортопедот д-р Димитар Споа веќе неколку години едноподруго дарува крв.
– На дело покажувам што значи максимата „Дарувај крв, спаси живот“. И во тешки услови треба да најдеме време да даруваме крв. Во услови на намалени социјални контакти, сепак, треба да се најде простор за оваа хумана активност – вели докторот.
Прим. д-р Горан Андонов, од Институтот за трансфузиона медицина, истакна дека вработените на болницата се вистински херои.

– Традиционално, на овој датум кога се одбележува Светскиот ден на здравјето, вработените ја покажуваат својата хуманост. Во овие тешки времиња, сметавме дека не треба да ја прекинеме традицијата и во оваа пригода им се заблагодарувам на сите дарители на крв, кои се вработени во „Ре-медика“, но и на крводарителите во нашата држава. Тие ја покажуваат својата хуманост во овие небрежни времиња.

Тие се вистински херои. Тие се овде за оние на кои им е потребна оваа драгоцена течност. Со оваа акција, уште еднаш ја потврдуваме целта за издигнување на свеста за потребата од крводарителство. „Ре-медика“ поставува значаен пример како да се покаже морална одговорност кон заедницата во насока на придонесување за зголемување на крвните единици, кои ќе овозможат да се спасат повеќе животи – рече д-р Андонов.
Оваа акција се спроведува во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, Црвениот крст на Општина Гази Баба и Институтот за трансфузиона медицина.