Функционална држава и во услови на пандемија

158
Фото: Игор Бансколиев

Еден од аспектите на извештајот на ОБСЕ за текот на судските предмети на СЈО претставува „дискретно“ потсетување на меѓународните (европските) институции дека очекуваат реформите што се во контекст на владеењето на правото и градењето на правната држава да се одвиваат непрекинато, дури и во услови на пандемија, вонредна состојба и „долгометражно“ предизборие

ИЗВЕШТАЈ НА ОБСЕ ЗА РЕФОРМИТЕ ВО СУДСТВОТО

Со распуштањето на Собранието и одлуката за преземање на предметите на СЈО од страна на Основното јавно обвинителство (на една од последните собраниски седници), се чини дека овој парламентарен состав го заврши својот дел од реформите во правосудството, кои на почетокот на мандатот беа најавувани како неодложен приоритет за македонските евроинтеграции. Сосема сигурно никој не очекуваше дека на таков начин, со укинување на СЈО, ќе се затвори реформскиот циклус во правосудството во овој мандат на владеење. Според некои, пред сѐ политички согледувања, ситуацијата до некаде е спасена со тоа што барем ќе продолжи судското процесирање на предметите на СЈО, но неодамнешниот извештај на ОБСЕ констатира дека активностите на тој план не покажуваат оптимистички придвижувања.

Мисијата на ОБСЕ во Македонија, во третиот и последен преоден извештај за предметите на поранешното специјално јавно обвинителство ги критикува ефикасноста и брзината на судските процеси. Во документот се констатира дека судењата се одвиваат бавно во основа поради две причини: несоодветниот начин на изведување на доказите пред судечкиот совет и честите одолжувања и одложувања на закажаните расправи. Во текот на временскиот период опфатен со овој извештај, стапката на одложување на судските расправи е речиси на исто ниво како и во претходниот период на анализа, односно 34 проценти. Главна причина за одложување на рочиштата и натаму е отсуството на обвинети.

Во документот се посочува дека важечката законодавна рамка, на судовите не им нуди ефективни алатки во ситуациите кога обвинетите лица самоволно донеле одлука да не присуствуваат на судењето. Сепак, како што е посочено и во петтото поглавје, судот има можност на обвинетиот да му изрече парична казна доколку смета дека ваквото право се злоупотребува…
Еден од аспектите на извештајот на ОБСЕ за текот на судските предмети на СЈО претставува „дискретно“ потсетување на меѓународните (европските) институции дека очекуваат реформите што се во контекст на владеењето на правото и градењето на правната држава да се одвиваат непрекинато, дури и во услови на пандемија, вонредна состојба и „долгометражно“ предизборие. Од политичките чинители во Македонија се очекува сериозно да бидат посветени на ветувањата за создавање услови за функционална правна држава и преку реформите во судството, а не само да се користи како празна реторика за избори.

– Досегашното искуство, за жал, покажа дека ветувањата за реформи во судството, владеењето на правото, правната држава беа само партиско-политички памфлети. „Шминкање“ на закони, вербални заложби за реформи во судството… воопшто не можат да создадат ни привид за ефикасна правна држава и за реформи. Селективната амнестија за обвинетите за настаните од 27 април 2017 покажа дека и во мандатот на оваа влада продолжи практиката од претходното владеење на мешање на политиката во судството, за остварување политички интереси. Неодамнешната реакција на еден од претставниците на власта, откако судиите поднесоа претставка до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на уредбата со која им беа намалени платите во вонредната состојба, уште еднаш илустративно покажа дека извршната власт и понатаму очекува клиентелистички однос на судството…

Овие примери и уште низа ситуации (меѓу кои и нафрлената и необмислена идеја за ветинг во судството) во изминативе три години покажуваат дека нема сериозни заложби ниту идеја од страна на политичките чинители за реформи во судството – вели искусниот правен практичар, адвокатот Звонко Давидовиќ.
Во однос на извештајот на ОБСЕ за судското постапување на предметите на СЈО, Давидовиќ делумно се согласува со забелешките, но истовремено смета дека ОБСЕ влегува на терен каде што нема доволен увид во доказите и потребите на правдата за утврдување на вистината.

– Во правото, односно за владеење на правото не е најбитно брзото судење, туку пред сѐ правично судење во процес во кој ќе се утврди вистината, вината, па според тоа да се одреди одмерена казна. Ако брзате, многу поголема е опасноста од грешки. Во судските процеси се одлучува за човечки судбини и мора внимателно да се постапува. Ништо не е многу за да се дојде до вистината – вели адвокатот Давидовиќ, додавајќи дека извештајот на ОБСЕ претставува генерален став, без конкретно и поединечно согледување на предметите на СЈО.
Притоа тој потсетува дека судењата од видот на предметите на СЈО во земјите од каде што доаѓаат набљудувачите на ОБСЕ (Европа, но и во САД), траат и по пет до десет години.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев, на извештајот од ОБСЕ за предметите на СЈО гледа како на потсетување на обврските преземени од Македонија за правосудни реформи во интерес на владеење на правото и на правната држава.
– Ако нема ефикасна завршница на случаи од висок криминал и корупција (како што се предметите на СЈО), не може да се зборува за спроведување реформи во судството и за напредок во владеењето на правото.

Реформите сами по себе не можат да се спроведат. Имаме и стратегија за борба против високиот криминал и корупција и не може да се бараат изговори во пандемијата, изборите, политичките случувања… за застој и одложување во таа борба. ОБСЕ сака да нѐ потсети на таквата обврска, иако за тоа треба да се направат дополнителни напори, со оглед на тоа што причината за укинувањето на СЈО (случајот „Рекет“) имаше погубно влијание за правниот систем и владеењето на правото – вели судијата Дане Илиев.