Филипче: Ќе се поставува модуларна амбуланта до Клиниката за пулмологија

407

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека здравствениот систем веќе се подготвува за нов бран на ковид наесен во однос на болнички капацитети и преку организирање на системот на ротации на кадарот. Тој информираше дека целосно е завршена инсталацијата за централен довод на кислород во монтажната модуларна болница која има капацитет од 72 болнички легла и во која се планира да работи тим од Институтот за туберкулоза, како и дека завршена е постапката за нова модуларна амбуланта која ќе биде во близина на Клиниката за пулмологија и ќе служи за тријажа на пациенти.

– Монтажната болница, сега е подготвена да прими пациенти. Нема потреба да се носат боци со кислород. Заврши и постапката за ист таков тип модуларна амбуланта и евентуално сместувачки капацитет до Клиниката за пулмологија со цел за да се направи уште еден центар за грижа на пациенти за следниот период, во близина на клиника кај што има експертиза во однос на белодробни заболувања. Поставувањето на новата монтажна амбуланта ќе биде со цел оние пациенти кои имаат било каква белодробна симптоматологија целосно се одделат од сите други пациенти, па дури и во амбуланскиот дел да се направи тријажа на пациентите. Со ова, ќе се растовари амбулантата којашто сега ја користат повеќе интернистички клиники, а каде што влегуваат и пациенти со белодробни заболувања. Ова е важно за наредниот период, а доаѓаат есенски месеци, во кои што бројот на пациенти со белодробни заболувања значајно се зголемува – рече министерот Филипче и додаде дека со тоа ќе има два центри во рамките на Клиничкиот центар, едниот блиску до Клиниката за пулмологија и модуларната болница до инфективната клиника.

Според сите анализи и предвидувања, тој потенцираше дека останува претпоставката дека на есен вирусот побрзо и посилно ќе се шири и нема да може луѓето да бидат надвор, ќе бидат повеќе во затворени простории.

– Работиме на подготовка на капацитетите на есенскиот период. Имав средба со повеќе директори на повеќе болници во изминатите денови, во Штип, во Охрид, во Битола. Разговараме и ги разгледуваме евентуално дополнителните капацитети кои би можеле да се користат како болнички. Има неколку студентски домови во Охрид и во Битола во кои може да се сместуваат пациенти, но тоа е прашање кое треба да се договори и со Министерството за образование и наука и зависи од тоа како тие капацитети ќе бидат исполнети со студенти. Во следниот период ќе имаме апсолутно целосно спремен план, дополнителни кревети кои би се користеле за капацитетите доколку се наметне потреба во есенските месеци, секако заедно со план за ротација на медицински персонал – рече министерот Филипче.