Филипче: Образовниот процес е важен, но не смееме да го занемариме здравствениот аспект

445
На денешната прес-конференција, министерот за здравство, Венко Филипче, во однос на наставата на училиштата, истакна дека децата треба да следат настава, но образовниот процес мора да биде безбеден по здравјето на децата, наставниот кадар, и секако семјствата на децата кои одат во училиште.
 
– Образовниот процес е од неспорно значење, но не смееме да го занемариме здравствениот аспект и можноста за трансмисија на вирусот во улилиштата. Неколку пати укажавме дека сѐ може да се надомести, но не и здравјето. Гледано од тој аспект, имајќи ги во предвид и искуствата од некои други земји, нашата препорака, од Комисијата за заразни болести, е училиштата да почнат со работа онлајн, со два исклучока: еден за децата од прво до трето одделение, и ова имајќи во превид дека нашата анализа покажа дека кај најмалите инциденцата (стапката на заболување) е најмала, некаде околу 3,4 отсто, а тие имаат сосем лесна форма на болеста или се практично асимптоматски носетели. Сепак, по барање на родителот децата од прво до трето одделение ќе можат да ја следат целосно наставата и онлајн. По разговорите и интензивната комуникација со родителите и другите стручни лица решивме да дозволиме да има избор од родителот, а причина е тоа што во одредени семејства има родители кои се хронично болни, во висок здравствен ризик, децата се чуваат дома од повозрасни членови, баби и дедовци, кои исто така може да имаат некаква хронична болест и на тој начин семејството би било во поголем ризик. Вториот исклучок е на барање на основачите или на општините. Таму каде што во школите или регионалните училишта има мал број деца во класовите или мал број класови во училиштата, согласно епидемиолошката состојба да добијат дозвола наставата да ја организираат со физичко присуство – изјави Филипче.
 
Во однос на протоколите, Филипче информираше дека тие се целосно усогласени и искоординирани со Министерството за образование и наука.
 

– Во училниците не треба да има повеќе од 20 деца, тие треба да седат на еден ипол метар дистанца, да носат маска, наставникот да биде цело време присутен со нив, да не се излегува за време на одморите, а почетокот на различни одделенија да биде со 10 минути разлика, за да не се сретнуваат многу деца на влезовите или при излезот на крајот на наставата. Наставниот кадар, училштата, сите се целосно информирани за протоколите, имавме бројни состаноци и доколку овие протоколи добро се применуваат, ризикот од ширење на заразата е минимален – потенцираше министерот Филипче.