Филипче: Инфективните одделенија беа преполни пред две-три недели

201

Министерот за здравство Венко Филипче, денеска изјави дека порастот на новозаразените од ковид-19 се должи на непочитувањето на мерките.

– Ние бевме свесни дека доаѓа критичен период – есенски месеци кога ќе имаме пациенти коишто можно е да го преоптоварат здравствениот систем. Уште тогаш предвидовме дека е потребна рестрикција, рестриктивни мерки и го најавивме тоа за почетокот на месец септември. Ова е план којшто има и дополнителни мерки кои сметаме дека засега не треба да се воведуваат, но ја следиме ситуацијата. Имаме предвид дека доаѓаат и поладни денови, кога граѓаните треба да се штитат и од настинка и од грип, кога воздухот ќе биде загаден. Сето тоа се работи кои може да го оптоварат здравствениот систем. Мора граѓаните да се свесни дека штитејќи го сопственото здравје им помагаат на здравствените работници и здравствениот систем – истакна Филипче.

Тој вели дека состојбата со капацитетите во болниците во моментов е стабилна и има доволен број на слободни болнички кревети, иако пред неколку недели ситуацијата била алармантна.

– Имаше период пред две до три недели кога инфективните одделенија ширум државата беа навистина исполнети. И во Гостивар, Охрид, Битола, Штип, Куманово, Струмица. Немаше ниту едно слободно место. И пациентите се носеа во Скопје. И во тој период исто како и сега, инфективните одделенија во болницата „8 Септември“ и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби не беа преполнети. Исто и сега, се намали притисокот во инфективните одделенија ширум државата. Тој притисок којшто се јави пред две недели на некој начин спласна. Добар е капацитетот, имаме слободни болнички кревети – рече Филипче.

Во однос на работата за угостителските објекти, кажа дека во периодот кога се попуштиле рестриктивните мерки имало соработка со сите чинители коишто тогаш не работеле и постепено се враќале во функција.

– Препораките за новите мерки целосно се темелат врз анализата на епидемиолошката состојба и епидемиолошките анкети од новите инфицирани лица со ковид-19. Трансмисија на вирусот се случува најмногу помеѓу граѓаните на возраст од 20 до 40 години, а епидемиолошките анкети укажуваат дека причината е често непочитување на мерките за групирање или посетување на настани и забави – вели министерот.

Тој објаснува дека во текот на летото се гледало да им се излезе во пресрет на оние кои се соочувале со проблеми во работата.

– Мерките беа димензионирани така да секогаш разговаравме со чинителите, затоа што секоја струка има по некоја специфика. И тие епидемиолошки принципи на медицинската наука секако дека важат за сите, меѓутоа имајќи ги предвид спецификите сакавме и нив да ги слушнеме, што е тоа што и тие сметаат дека ќе се соочуваат со проблеми за време на функционирањето. И така беше и со музичарите, јавните настани, организаторите на настани. Донесовме протоколи за работа на затворено, на отворен простор итн. Со што се соочивме, многу конкретно – во изминатиот период значајно зголемување на бројот на заразени во возрасната група на третата и четвртата декада. И од увидот во епидемиолошките прашалници во огромен процент, од настани во коишто мерките за жал не се почитувале. И тоа е нешто што сега се случува во регионот, цела Европа. Сведоци сме на голем број на случаи во Франција, Австрија, Шпанија, Велика Британија – насекаде се истите трендови – посочи Филипче.