Филипче: Да се достават сите информации за смртта на мајката и синот од Велес

183

Сите кои имаат информации кои може да помогнат за расветлување на случајот со смртта на мајката позитивна на ковид-19 и нејзиниот син од Велес треба по службен пат да ги достават до Институтот за судска медицина, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Неговиот повик за соработка доаѓа откако министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, јавно кажа дека МВР има податоци кои говорат дека мајката и синот починале во јануари или на почетокот на февруари, а не во март како што објави министерот, согласно извештајот од Институтот за судска медицина.

– Ја слушнав изјавата. Сите институции што имаат информации за овој случај мислам дека треба да соработуваат меѓу себе. Ако има досега несподелена информација тоа треба да го направат по службен пат, посебно имајќи предвид дека таму Судска медицина имаше и дополнителен увид за да се утврди времето на смртта. Не е завршен извештајот од Судска медицина. Извесно е дека смртта настапила неколку недели пред да бидат пронајдени телата. Информациите на МВР за телефонските разговори се предмет на соработка меѓу институциите во рамките на нивните ангажмани. Судска медицина соработува со МВР и со Обвинителството постојано, а така очекуваме да биде и сега – рече министерот Филипче и нагласи дека во Институтот за судска медицина работат врвни и докажани експерти.

Епидемиолозите го оценија случајот како контроверзен оти отвори сомнеж за постоење на вирусот и пред да биде регистриран првиот случај, но откако Судска медицина утврди дека смртта настапила три до пет недели од пронаоѓањето на телата министерот Филипче соопшти дека нема да се прават дополнителни анализи за постоењето на вирусот оти смртта настапила во текот на март.

Мајката и синот на шести април беа пронајдени мртви во стан во Велес. Полицијата ги пронајде откако соседите пријавиле дека од станот се шири смрдеа, а посмртно во дишното стебло на мајката беше откриен коронавирус. Соседите се посомневаа дека починале во јануари бидејќи од тогаш не ги забележале мајката и синот.

Вчера, пак, СВР Велес извести дека полицијата добила известување од „Електродистрибуција“ Велес дека броилото покажало дека во станот последен пат е забележана потрошувачка на струја во јануари.