Уште едно медицинско лице од Клиниката за кожни болести e заразено

719

Министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти за уште еден нов пациент, дел од персоналот на Клиниката за кожни болести во Скопје, по направени тестови во изминатите 24 часа.

Со ова, бројот на заболени се искачи на шест лица, кои се вработени на оваа клиника. Ова следува откако ексдиректорката на болницата, Нина (Цаца) Билјановска, се врати од Италија и не се изолира во согласност со препораките, туку одеше на работа. Подоцна нејзиниот тест на коронавирус беше позитивен.

– Регистрирани се 24 нови случаи на инфицирани со коронавирус. Има уште еден пациент поврзан со Клиниката за кожни болести во Скопје. Вкупната бројка до 12 часот е 201 лице – соопшти Филипче.

Од скопската Инфективна клиника е отпуштен уште еден пациент, чии два контролни теста се негативни.

– На Клиниката за инфективни болести испишан е еден пациент од Дебар, кој е во добра општа состојба со два негативни последователни теста – рече Филипче.

Министерот информира дека состојбата на пациентите од Штип е стабилна.

– Добра е состојбата во Штип, малото девојче, мајката и бабата се во стабилна состојба – посочи Филипче.

Во текот на идната недела, според скринингот, во одредени градови ќе се тестираат пошироки групи лица што патувале во земји во кои има ризик или биле во контакт со заболено лице.

– Уште пошироки групи ќе се тестираат во текот на идната недела, се спремаат мобилните екипи – рече Филипче.