Угостителите нема да ги користат владините мерки

172

Угостителите од сите градови во Македонија, кои по стапувањето на сила на уредбата на државата и мерките за заштита од вирусната инфекција не работат, соопштија дека нема да ги користат најавените мерки од Владата. Наместо тоа, одлучиле дека средствата можат да ги насочат директно кон сите кои остануваат без работа или во сектори каде мислат дека ќе се постигне ефект.

– За жал до сега добивме несоодветни, нејасни и нецелосни мерки и уредби, кои и покрај апелите не беше разбрано дека малите субјекти немаат капацитети да ги спроведат, а воедно ниту се доволни. Ова ни дава до знаење дека се игра со времето, кое моментално работи против нас, а ние како дејност немаме никакво чувство на сигурност. По долго исчекување и детална анализа на сите најавени мерки, а во правец на зачувување на дејноста, како субјекти од дејноста угостителство, преземаме чекори за намалување на загубите и трошоците кои секојдневно се генерираат. Еден од тие чекори е и во состојба кога институциите не ни помогнаа да се грижиме за лицата вработени во овој сектор, сега ќе  дозволиме директно за нив да  покаже грижа државата. На овој начин институциите можат директно да им помогнат без притоа дополнително да нè задолжуваат со кредити за придонеси и другите натрупани трошоци – изјави Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство.

Угостителите сметаат дека од исклучителна важност е јавноста да знае дека сите мерки кои моментно се донесени и предложени само ќе им ги зголемат долговите по кризата, за која не се знае кога ќе заврши.

– Сè што ни е понудено во овој момент е во вид на заем од Владата и тоа недоволен само за нето-плата, ова никој од нас нема да може да го издржи. Наместо тоа, очекувавме директна, безусловна и правична помош од страна на институциите, но не ја добивме. Дополнително, мерките не ги опфаќаат сите погодени во угостителството и не е земено предвид дека ние не сме погоден сектор, туку со одлука затворен сектор. Се очекува од нас, како што слушаме секојдневно, да понесеме дел од товарот на кризата. Како да го направиме тоа кога сме затворени први, а ќе профункционираме последни, се работи за мали фирми кои немаат резерви. Исто така, месец март и покрај нашето барање е изоставен од мерките – објасни Ангеловски и додаде дека ваков пристап со кој се претставуваат овие мерки е комплетно неоправдан, затоа што го фрла секторот на маргините и покрај тоа што вработува над 29.000 лица и се бори за задржување на секое работни место.