Стоматолошките ординации почнуваат со работа

157

По 44 дена, односно по еден и пол месец пауза, почнуваат со работа сите стоматолошки ординации. Ова следува по препорака на Комисијата за заразни болести. На веб-страницата од Стоматолошката комора е објавен дописот од ФЗО, со кој се наложува и почитување на протоколите и упатствата за работа.

– По препорака на Комисијата за заразни болести, од 13.5.2020 година сите стоматолошки ординации во Република Северна Македонија почнуваат со работа. Со тоа стоматолошките услуги на осигурените лица ќе ги даваат избраните лекари стоматолози и лекарите специјалисти од дејностите орална хирургија, ортодонција и протетика. Притоа сите стоматолошки здравствени установи, кои се во мрежата, се ставаат во рестриктивен режим на работење, со што се должни да се придржуваат кон протоколите и упатствата за работа во услови на сè уште постојна закана од инфекција со ковид-19, а изготвени од страна на Стоматолошката комора на Северна Македонија – се наведува во известувањето од ФЗО.

Во протоколите, пак, пишува дека на влезот од ординацијата мора да има крпа со дезинфициенс за обувките, а во чекалницата дезинфициенс за рацете. Пациентите што ќе одат на забар, ќе требаат да ги остават сите предмети што не може да се дезинфицираат во чекалницата, каде што ќе може да чекаат максимум две лица. Задолжително е и носењето заштитна опрема при влегувањето во ординацијата кога ќе му се мери и температурата на пациентот со бесконтактен топломер.

Дополнително, пациентот ќе мора да одговара и на епидемиолошкиот прашалник што ќе го поставува стоматологот по што ќе се одлучи дали ќе може да му се направи интервенција. Стоматолошките термини ќе треба да се закажуваат преку телефонски повик.

Од 30 март до сега работеа само 21 стоматолошка служба во целата држава, од кои, три беа во Скопје, лоцирани во Аеродром, Чаир и Ѓорче Петров.

Во текот на овој период граѓаните со забоболки и отоци се жалеа дека не може да направат интервенција на забите бидејќи се затворени приватните стоматолошки ординации каде што се лекувале. Некои од нив тврдеа дека услуга не можеа да ја добијат ниту во јавните ординации со образложение од вработените дека не ги вклучуваат инструментите за работа, односно не пломбираат, не лекуваат заби, туку даваат само инјекции за смирување болка доколку пациентот ја има. За ваквите случаи, вонреден инспекциски надзор правеше Државниот санитарен и здравствен инспекторат.