Спортистите да не ги користат соблекувалните и да држат растојание од пет метри

87

Спортски тренинзи можат да се одржуваат само доколку во салата може да се одржи растојание од пет метри помеѓу секој спортист, предвидува протоколот, по олабавувањето на мерките од страна на Владата. Тренингот може да се одржи само со пет лица и еден тренер, тоа е уште едно правило до кое сите мора да се придржуваат. Протокол за работа има и за спортските обложувалници кои од денес започнаа со работа, но таму, растојанието меѓу присутните играчи мора да биде два метра. За тренинзите, мора да се води евиденција за спортистите и присутните, поради полесно следење на контактите.

– Тренинзите се организираат по претходно направен распоред за време на тренинзи со список на спортисти и тренери. Пред почеток на тренингот се прави термален скрининг и се забранува тренинг на лице со покачена температура и истото се отстранува. Во случај на потреба на здравствен работник на тренингот при близок контакт со здравственото лице мора да се користат заштитни маски, ракавици и визир од страна на здравствениот работник. Спортистите и тренерите доаѓаат на тренинг поединечно со свое возило и опрема и во опрема за тренинг со што се избегнува користење на соблекувалните. Во текот на тренингот се препорачува растојание од 5 метри помеѓу секој спортист и тренер како минимално растојание. Тренингот да се извршува на отворен простор. По завршување на тренингот опремата за тренинг и реквизитите се дезинфицираат со средство кое е 70% на база на алкохол. Тренинзите во контактните спортови се препорачува секогаш да се одвиваат по принцип „ист спортист со ист тренер“ – се вели во протоколот за спортистите.

Спортските обложувалници ќе мора да внимаваат за посетителите да не се групираат внатре во објектот, односно да одржат дистанца од два метра. Задолжителна заштитна опрема мора да носат и вработените.

– На масите поставени на уплатно-исплатните места има само по две столчиња. На шалтер присутен по еден играч со растојание од 2м со играчот кој следен чека за уплата. Средства за дезинфекција поставени на влезовите од обложувалниците и на пултовите за уплата. Шанковите во рамките на уплатните места се без можност за послужување пијалаци – пишува во протоколот за спортските обложувалници.