Спасовски: Првата ноќ од кризната состојба во Дебар и Центар Жупа помина мирно

476

Првата ноќ од прогласување на Општина Дебар и Центар Жупа за кризно подрајче поминале мирно и без никакви инциденти, а исто таква е атмосферата и денес до претпладневните часови.

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, рече дека сите граѓани со мислите се со жителите на Дебар и Центар Жупа. Тој тврди дека државата ќе направи се за спроведување на ефикасни мерки и справување со ситуацијата за коронавирусот да не се шири. Кризната состојба ќе трае 30 денови, а по потреба и повеќе.

– Сите институции и нивните припадници стручни за спроведување на сите неопходни мерки и акции, се на терен. Формиран е оперативен штаб кој ќе раководи со активностите со цел справување и превенција од ширење на коронавирусот, со соодветни мерки и активности, на територијата каде е прогласена кризната состојба – рече Спасовски.

Влез и излез од Дебар и Центар Жупа е дозволено само во животнозагрозувачки ситуации, рече Спасовски, кој потенцираше дека во таков случај треба да се има потврда од овластено лице на Министерството за здравство.

Премиерот е категоричен дека сите институции ќе одговарат на предизвикот за да се спречи ширењето на инфекцијата.