Владата вчера побара веднаш да се воведе вонредна состојба на територијата на целата држава, поради опасноста од коронавирусот.
– На седница донесовме одлука да предложиме воведување вонредна состојба на територијата на нашата држава. Мерките што се донесоа досега ги дадоа очекуваните резултати, но тие мерки сега треба да се засилат, за да спречиме пик на вирусот. Убедени сме дека можеме да спречиме ескалација со воведување вонредна состојба. Владата одржа седница и донесе одлука да му предложи на Собранието да воведе вонредна состојба.

Тоа е распуштено, но постои уставна одредба дека претседателот има овластување да прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена. Ова ќе биде првпат да се воведе ваква мерка во историјата на нашата држава и ова е мерка, која претставува најтешката одлука што ја донела која било влада досега – рече Спасовски.
Премиерот истакна дека оваа мерка е една од најтешките мерки што во историјата, од независноста во 1990-тите години па досега, ги донела некоја македонска влада.
– Ништо веќе не е исто. Животот радикално се промени како кај нас, така и во целиот свет. Потребно е секој да се приспособи – истакна Спасовски, додавајќи дека само со вонредна состојба Владата ќе може непречено да дејствува во борба против вирусот.

Воведувањето на оваа состојба, истакна тој, не значи дека по автоматизам ќе се воведат рестрикции на слободите и движењата на граѓаните. Според него, доколку дојде до рестрикции и мерки, тие одлуки ќе се носат на дневно ниво, а граѓаните како и досега редовно ќе бидат информирани.
– Вонредната состојба само ѝ дава можност на Владата и се создаваат услови за брзо и ефикасно спроведување на мерките за превенција и заштита на здравствената состојба на граѓаните, за заштита, за одбрана на нашето општество и на крајот на нашата економија. Само со вонредна состојбата Владата ќе може да дејствува непречено во борбата против вирусот. Само со вонредна состојба, Владата ќе може да спроведува мерки за спас на економијата и за помош на погодените граѓани. Се создаваат услови сите што учествуваат во борбата, а тоа се здравствените работници, припадниците на МВР на армијата, службениците, институциите, Владата, работниците во производството, успешно да ги остваруваат нивните професионални задачи во справување со оваа хуманитарна криза – објасни Спасовски.

Тој апелира сите сериозно да ја сфатат состојбата и доследно да ги почитуваат препораките, зашто секој е значаен фактор во борбата против оваа хуманитарна криза.
Премиерот порача до сите да ги откажат патувањата и да не му пркосат на вирусот. А секој што ќе сака да излезе од Македонија, ќе треба да потпише изјава дека нема да се врати 3 месеци.


Заев: Заедништвото е најсилното оружје

Лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев, вчера изјави дека ја поздравува одлуката на Владата за да се прогласи вонредна состојба на целата територија на државава, а истовременого го повикува и претседателот Стево Пендаровски да го прифати тоа барање.
– Заедништвото е најсилното оружје и важно е да ги следиме мерките и препораките од надлежните институции. Секако, уште еднаш ја поздравувам одлуката на Владата да побара прогласување вонредна состојба. Тој потег ќе придонесе за брзо и ефикасно да се спроведуваат мерките за заштита на граѓаните. Уште еднаш им се заблагодарувам на сите што учествуваат во борбата против коронавирусот, а тоа се здравствените работници, полицајците, медиумите и сите други. Одговорно е да бидеме единствени во дејствувањето, маката да ја споделиме, бидејќи секој граѓанин е еднакво важен – рече Заев.
За критиките што ги упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на адреса на Владата, Заев рече дека Владата не доцни, туку доцни токму Мицкоски. 


Мицкоски: Се доцни со мерките

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера пред седиштето на партијата, побара од претседателот Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба.
– Се доцни со мерките, претстои можност за ширење на коронавирусот. Затоа го повикувам претседателот Пендаровски да прогласи вонредна состојба. Тој таква уставна можност има – посочи Мицкоски.
Тој побара што поскоро, да не се губи време и да не се навлегува во правните проблеми, да се навлезе во решавање на проблемите на граѓаните и заштита на нивното здравје.

[email protected]