Инспекцискиот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат покажал дека епидемиологот кој ги тестирал членовите на Кризниот штаб на Општина Куманово не направил епидемиолошка анкета и спровел тестирања врз база на скрининг без дозвола од министер, што е спротивно на Законот за заштита на населението од заразни болести. Ова го соопшти директорката на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова, која додаде дека и брисевите се земани во несоодветни простории.

– Во ЈЗУ Центар за јавно здравје-Куманово е направен првиот инспекциски надзор на ДСЗИ, во однос на утврдување на фактичката состојба во однос на нивната работа, постапување по протоколи и алгоритми во однос на следење на случаите кои се потврдени на коронавирус. Првото тестирање е извршено на 26.3.2020 година, на лица од Кризен штаб на Општина Куманово. Тестирани се 28 лица, за кои се добиени 28 негативни резултати. Второто тестирање е на 12.4.2020 година, земени се 38 брисеви, а добиени се 5 позитивни резултати и издадени решенија за 37 резултати. Констатирани недостатоци во овој надзор се дека и првото и второто тестирање се спроведени без редовна, задолжителна, епидемиолошка анкета од страна на епидемиолог од Центарот за јавно здравје. И на двете тестирања се заведени како скрининг. По изјаснување на епидемиолог кој го вршел ова тестирање имаме изјаснување дека по нејзин налог и нејзини согледување спровела скрининг поради нејзини причини кои ги навела. Ова е прекршок по член 27 од Закон за заштита на населението од заразни болести кој вика дека скрининг не може да се изведе без дозвола од министер – рече Сотирова-Бухова.

Според директорката, брисевите од членовите на Кризниот штаб во Куманово се земни во општинските простории, што е спротивно на протоколите, па поради сите прекршувања во тек е постапка за одговорност, за која се очекува одлука.

– Констатиравме и дека брисевите се земани во просториите на Општина Куманово, што е спротивно на протоколите. Брисеви на лица кои се сомнителни, со индикација или појава на симптоми исклучиво се земаат во простории на овластениот центар за јавно здравје. Овде имаме два прекршока, прво, дека брисевите се земани како скрининг без епидемиолошка анкета, а вториот прекршок бидејќи се земани брисеви во неадекватен простор. Секој пункт каде се земаат брисеви, мора да добие дозвола од Министерство за здравство, за исполнување услови по основи на простор, опрема и кадар. Поради овие два прекршоци во тек е постапка по која ќе има одлука – кажа Сотирнова-Бухова.