Се поставува модуларната болница во Гевгелија

68

Во Гевгелија денеска почна поставувањето на модуларната болница, а во текот на следната недела монтажа на објектите ќе започне во Струмица, Куманово, Струга и Кичево. Од Министерството за здравство велат дека во сите општини забрзано се работи на активностите за реализација на проектот.

– Интензивно се работи на подготовки на терен, се расчистуваат локациите, локалните јавни претпријатија обезбедуваат приклучоци, стручните служби на единиците на локална самоуправа даваат максимална поддршка за што поскора реализација на проектот од Светската банка. Генерално, активностите во сите општини течат согласно утврдениот план и динамика. Општината Битола и јавните претпријатија го уредуваат просторот и го подготвуваат теренот за поставување на три модуларни болници со капацитет од 100 болнички кревети и три тријажни центри. Во моментов, во Битола се бетонираат бетонските подлоги за поставување на модуларните болници – информираат од Министерството за здравство.

Во Штип теренот е подготвен за бетонирање на подлогата, инсталациите се донесени до точките за приклучни места. Од Министерството за здравство информираат и дека денеска во Струга завршува бетонирањето на бетонската подлога, а сите инсталации се спроведени. Велат дека со забрзана динамика се работи на теренот во Гостивар, Кичево, Прилеп и Кавадарци. Во Кочани теренот е спремен и ќе започне бетонирање на подлогата.

Во Дебар и Тетово во тек се припремните работи.

Во Општина Охрид, посочи министерството, забрзано се работи на обезбедување на пристапни патеки и спроведување на инсталации, додека јавните претпријатија и општина Велес работат на расчистување на теренот и поставување на инсталации, имајќи во предвид дека локацијата е специфично поставена на терен во пад. Во Ресен се работи на планирање на локацијата.

Министерството за здравство упатува благодарност до градоначалниците на 16 -те општини и до нивните јавни претпријатија за максималниот ангажман, кои се ставија целосно во функција на здравствениот систем.

Крајните рокови за пуштање во употреба на сите модуларни ковид центри истекуваат за три месеци. Но, како ќе завршува монтажата, така ќе пристига и потребната опрема и инвентар за целосно опремување, што ќе значи и сукцесивно пуштање во употреба.

Секој регионален ковид центар ќе има приемен и тријажен оддел, целосно опремена лабараторија, целосно опремени болнички соби и сите други помошни простории за персонал и пациенти.