Се зголемуваат ингеренциите на инспекциските служби

92

Инспекциските служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид протоколите. Ова е предвидено со новите измени на Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести, кои беа усвоени на вчерашната владина седница.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски образложи дека по повеќе консултации со Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и со Инспекцискиот совет, постигнат е консензус за преземање на брзи и ефикасни мерки.

– Досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво. Конкретно, доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти кои не ги почитуваат мерките – истакна Николовски.
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска појасни дека со новите законски измени, инспекциските служби ќе вршат надзор во сопствениот делокруг на работење, така што ќе бидат опфатени сите релевантни субјекти – угостителски објекти, превозници, производствени капацитети и слично.

– Ако некој угостител, маркет, превозник, фабрика и друго, не ги почитува протоколите, надлежната инспекциска служба ќе има законско овластување на лице место да изрече забрана за вршење на дејност од 10 до 30 дена, поточно во истиот момент да го затворат објектот. Жалбата против решението со кое се изрекува ваквата забрана нема да го одлага неговото извршување. Со ова значително ќе се зголеми ефикасноста на инспекцискиот надзор, а ќе се намали шансата од ширење на вирусот – вели Филиповска-Грашкоска.

Во однос на висината на глобата, со измените е предвидено за микро претпријатие кое прекршило некој протокол се предвидува глоба од 2.500-3.000 евра во денарска противвредност, за мало претпријатие 5.500- 6.000 евра, за средно 17.500-18.000 евра и за големо претпријатие 25.000-30.000 евра, како и соодветни глоби за одговорното лице на правното лице (1.500 евра), 750 евра за трговец поединец и 250 евра за физичкото лице.