Се забрануваат нови вработувања во јавниот сектор

216

Во јавниот сектор времено се забрануваат новите вработувања, нови ангажирања преку агенции за привремени вработување и нови договори на дело, освен за ангажирања на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори кои се во насока на справување со последиците од коронавирусот. Oва е една од новите одлуки донесени на владина седница.

– За сите трајно испразнети работни места (пензионирања и други заминувања по различни основи) да нема прием на нови вработувања. Доколку се утврди неопходност за пополнување на некое работно место, истото да се пополни од институции каде што има суфицит, а доколку нема таков кадар по институциите, за ангажирање на лицата да одлучува Владата – велат од Владата.

Денеска е одлучено и да не се стопираат веќе почнатите постапки за вработувања, за кои има согласност од Министерство за финансии. За издадените согласности за кои не се започнати постапки за вработувања да не се започнуваат.

Владата порача расходите за репрезентации, спонзорства и реклами да се сведат на минимум во јавниот сектор, а колективниот договор за култура во кој се регулирани сите права да се пролонгира до крајот на 2020 година.

На вработените во јавниот сектор да не се доделува регрес за годишен одмор во 2020 година, како и да не се реализираат другите права во Општиот колективен договор за јавниот сектор за 2020 година.

Во текот на 2020 година времено се забранува набавка на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, освен за оние за кои има дозвола од Владата.

Владата ги задолжува јавните претпријатија и АД во државна сопственост да ги намалат тековните расходи за 15% за 2020 година и за тоа да ја известат Владата.

Владата до крајот на 2020 година ги задолжува буџетските корисници и единките корисници да ги почитуваат мерките за намалување на расходите.

Се задолжува Владата да ги информира општините, јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост и останати субјекти во јавен сектор за донесените мерки за намалување и им препорачува да ги почитуваат донесените мерки за намалување на расходите, како и да се воздржат од помалку суштинските расходи кои не придонесуваат во справувањето со коронавирусот.