Промовирана книгата „Ковид-19 и безбедноста, регионални предизвици и нови државни актери“

61

Во рамките на честувањето на патрониот празник на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ денеска се одржа промоција на книгата „Ковид-19 и безбедноста, регионални предизвици и нови државни актери“ од проф. д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје при УКЛО, проф. д-р Татјана Дронзина од
Софискиот универзитет и проф. д-р Драган Ѓукановиќ од Белградскиот универзитет, во
електронско издание на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ и Фондацијата „Конрад
Аденауер“ од СР Германија.

Промотор на студијата беше ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ проф. д-р Сашо Коруновски кој нагласи дека објавената студија прави анализа на влијанието на ковид-19 во Македонија, Србија и Бугарија, како и регионалните безбедносни предизвици и соработка, со осврт на појавата на новите државни актери во меѓународните односи и геополитиката во услови на криза.

Според Коруновски во книгата акцент е ставен на согледување на можноста за поттикнување на подобра регионална соработка, во период кога солидарноста меѓу земјите на Европската Унија не беше на потребната висина на задачата, што непосредно влијаеше врз надворешните односи во услови на вонредната состојба.

Според професорот Ѓуровски, преку книгата се утврдуваат критични области во безбедносниот систем на Македонија во кои се потребни итни промени, донесување нова законска регулатива, меѓу другото, и во делот на кризниот менаџмент и заштита и спасување.

– Преку итни промени во безбедносниот систем треба да се дојде до решенија за градење поефикасен безбедносен систем каде интегрален дел е управувањето со кризи и заштитата и спасување во Република Северна Македонија и, секако, креирање соодветна безбедносна политика за превенција, рано предупредување и навремена процена на ризици и закани и целосна координација на сите институции. Безбедносниот систем во Македонија во своите задачи треба да ја има превенцијата во контекст на намалувањето на ризиците од катастрофи и обединување на превентивните активности на сите институции кои се инволвирани со системот за управување со кризи и системот за заштита и спасување. Во претстојниот период се препорачува да се преземат мерки и активности со цел да се надминат констатираните слабости во менаџирањето на вонредната состојба поради пандемијата – вели Ѓуровски, потенцирајќи дека во регионалната публикација е согледана појавата на безбедносни предизвици како резултат несоодветното рано предупредување и превенција од меѓународните и регионални политички и воени организации.

Посебен фокус е ставен на потенцијалното враќање на новите државни актери како НР Кина во Европската Унија, и особено земјите од Балканот под превезот за директна
помош кон загрозените семејства и држави, без притоа да се согледа одговорноста која ја има за состојбата која ескалираше во целиот свет. Неизбежна тема во публикацијата е и справување со хибридни закани и лажни вести за време на пандемијата како потенцијална безбедносна закана и ризик по стабилноста.

Во студијата се даваат препораки за секоја земја кои се предмет на анализа во
публикацијата. За Македонија врз основа на начинот на справувањето со пандемијата во вонредната состојба, се препорачуваат промени и надградување на системот за безбедност и управување со кризи​. Вонредната состојба за време на пандемијата, во публикацијата се наведува дека ги исфрли на виделина критичните области во безбедносниот систем на Македонија во кои се потребни елементи за позитивна промена, меѓу другото, и во делот на кризниот менаџмент и заштита и спасување.
Ка.М.