Пристигна медицинската помош од Турција

247

На Меѓународниот аеродром Скопје пристигна помошта од Турција која се состои од 50.000 заштитни медицински маски, 1.000 заштитни скафандери и 1.000 дијагностички тестови.

Донацијата беше предадена на министерот за надворешни работи Никола Димитров и заменик началникот на Генералштаб, Азим Нуредин, од страна на амбасадорот Хасан Мехмет Секизќок.
– Во овие тешки времиња кога светот е соочен со исклучително тежок предизвик по јавното здравје и справување со последиците од пандемијата на ковид-19, подавањето рака меѓу земјите дава надеж дека заедно побрзо ќе бидат надминати. Високо ја цениме и сме благодарни за несебичната поддршка со медицинска и заштитна опрема што денес ни пристигна од пријателска Турција – рече Димитров.
Турскиот амбасадор, Хасан Мехмет Секизќок, кажа дека во овие денови лидерството и меѓународната солидарност имаат особена важност.
– Со ваква перцепција на работите, Република Турција испраќа медицински материјал низ земјите во светот со цел справување со епидемијата. Се разбира, нашите народи со векови живееле заедно на Балканот и во Македонија која е во срцето на Балканот, и секојпат го задржала своето место во срцето на Турција и турскиот народ. Ние ги уважуваме поимите братство и пријателство и се што е во тој дух. Медицинската опрема која стигна денес во Скопје заедно со себе носи љубов, пријателство и поздрави од почитуваниот претседател и турскиот народ,и посакувамда допринесе во заздравувањето на раните на македонскиот народ – рече тој.