Препорака пензионерите да извадат дебитни картички за да не чекаат ред во банките

93

По известувањето дека сите банки се подготвени да ја реализираат предвремената исплата на априлските пензии, НБРМ со апел до граѓаните да избегнуваат користење готовина, заради заштита на здравјето.

Пензионерите коишто поседуваат дебитна картичка и од утре преку банкоматите и во трговската мрежа ќе располагаат со својата априлска пензија, да настојуваат секогаш кога е можно плаќањата да ги вршат безготовински – со употреба на картичката. Така ќе придонесат за заштита на своето здравје и на здравјето на другите.

При посета на филијалите и експозитурите во текот на следната недела, пензионерите коишто досега не поседуваат дебитна картичка, да го поднесат барањето за изработка на картичка поврзана со нивната сметка. На тој начин, нивните средства ќе им бидат достапни во секое време, без да треба да ги посетуваат филијалите и експозитурите на банките за да подигнат готовина.

Во периодот од 8 до 12 часот, кога е дозволено движење на лицата над 67 години, граѓаните коишто се во други возрасни групи, особено следната недела од понеделник до четврток, да се воздржат од посета на филијалите и експозитурите на банките. Во овој термин да се даде приоритет и предност на повозрасните граѓани коишто имаат потреба од банкарски услуги.

При една посета на филијала/експозитура да се реализираат сите банкарски услуги за коишто клиентот смета дека во овој период е потребно физичко присуство во банките.

Како што веќе е соопштено, задолжително е да се носи лична заштитна опрема за носот и устата којашто може да биде: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично.

Да се почитуваат насоките за соодветна раздалеченост од другите лица, пред и во објектите на банките.

Исплатата на априлските пензии за пензионерите коишто не поседуваат дебитни картички ќе се спроведе по групи: в понеделник, 27 април – пензии со висина до 11.000 денари; во вторник, 28 април – пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари; в среда, 29 април – пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари; в четврток, 30 април – пензии во висина над 18.000 денари.