Постапки против седуммина непослушни битолчани

62

Својата непослушност и неодговорност седуммина битолчани скапо ќе ја
платат. Основното јавно обвинителство Битола поднесе предлог за изрекување казни во висина од по 2.000 евра против шест лица кои го прекршиле полицискиот час во Битола.

– Обвинетите за одделни кривично правни настани, се товарат дека вечерта на 4 и 5 април, за време на полицискиот час, се движеле низ Битола пеш или со возило. Со тие дејствија не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена како мерка за сузбивање и спречување на заразната болест ковид-19 – се вели во соопштението од ОЈО.

Обвинителство побара од Судот на обвинетите за стореното кривично дело да им определи парична казна во износ од по 100 дневни глоби, при што вредноста на секоја дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност.

За едно лице, дете на возраст од 16 години, јавниот обвинител до судија за деца во Основниот суд во Битола поднел барање за поведување подготвителна постапка. Детето, заедно со двајца од обвинетите, се движело пеш во вечерните часови за време на забраната за движење.

Лицата се товарат за кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик, се вели во соопштението од јавното обвинителство. М.М.