Пендаровски: Нема потреба од воведување на поригорозни мерки

167

Не се разгледува воведување на 24 часа траење на полицискиот час односно ограничување на движењето, а пак, распуштеното собрание блокира пренамена на буџетот на државата, како и задолжување за кое мора да има измена или носење на закони. Претседателот Стево Пендаровски рече дека не се знае кога ќе биде пикот со најмногу заболени од коронавирус и се се сведува на предвидувања.

– Дилемата за да се воспостави кризна состојба по вонредната состојба, ја надминавме минатиот пат на претходните седници кога се дебатираше дали е неопходно да се воведе кризна состојба на целата територија или на одредени. Заклучокот беше дека не е потребно воведување на кризна состојба на цела територија, поради економските индикатори кои покажуваа нагло влошување или можности за нагло влошување. Собранието е распуштено, нема можност да се свика и во таква ситуација вие не можете да направите пренамена ако треба, а треба, на одредени буџетски ставки, ниту можете да одите со задолжување од надвор, бидејќи за тоа е потребно измена на закони или носење на нови, а тоа е невозможно кога немате парламент, односно функционален парламент. Во таква ситуација беше заклучено дека што се однесува до безбедносните институции, тие си ја вршат таа работа – додаде Пендаровски.

Тој вели дека ниту Владата не ја разгледувала мерката за воведување на деноноќен полициски час, а според заклучоците на Советот за безбедност, нашата држава е статистички понапред во позитивна смисла во однос на земјите од соседството.

– Не разгледувавме воведување на 24 часовен полициски час на онаа седница, а како што знам ниту главниот штаб лоциран во Владата не разгледувал таква мерка. Се цени дека нема потреба од воведување на поригорозни мерки во однос на ограничувањето на движењето на нашите граѓани. Се смета дека со ова ниво, зборам за денес, се постигнуваат задоволителни ефекти. Според компаративните статистички показатели, нашата земја, во однос на досега заразените, починатите, тестираните, односно сите индикатори, не е под нивото на земјите од Европската Унија. По некои од тие статистички индикатори е и понапред во позитивна смисла во земјите од нашето опкружување – посочи Пендаровски.

Тој посочи дека ја поддржува мерката за функционерите да зимаат минимална плата до 14.500 денари во време на вонредната состојба, но не поддржа сите вработени во државната администрација да земаат минимална плата. Пендаровски рече дека е спремен да се откаже и целосно од неговата плата, ако Владата предложи таква мерка.