Пендаровски: До овој момент не се размислува за полициски час каков што имавме

100

Во отсуство на вакцина или лек за оваа болест нема друга алтернатива освен доследно почитување на протоколите, изјави претседателот Стево Пендаровски по денешната седница на Советот на безбедност.

Министерот Филипче ги информирал за најновата состојба и плановите за работа на болниците низ Македонија за напливот на нови пациенти.

– Бевме информирани и за функционирањето на Централниот кризен штаб. Се следи состојбата насекаде во светот и Европа. За жал сведоци сме дека ситуацијата не се подобрува, секојдневно имаме поголеми бројки на заболени. Сведочиме дека најразвиените земји и економии тешко излегуваат на крај со пандемијата – рече Пендаровски.

Според претседателот, ниту во Владата, ниту во Министерството не е собран сиот ум и искуство во светот, па затоа секоја критика е добредојдена.

– Мора да постои добра волја и подготвеност сите корисни идеи да бидат прифатени. Оваа ситуација не треба да се користи за добивање на политички поени – рече Пендаровски.
Пендаровски изјави дека во овој момент не се размислува за полициски час во онаков облик каков што имавме пролетта.

– Гледам дека станува прашање се поприсутно во јавноста околу националниот локдаун кои некои држави го најавија и тоа луѓето го врзуваат со полицискиот час. Мораме да ги следиме прецизно обврските кои тие земји, Франција и Германија, ги најавија како први во Европа со тоа ниво на лимитирано движење. До овој момент во Европа не постои ниту една држава која на целата своја територија има воведено полициски час како што имавме ние пролетта. Дури и она што се нарекува национален локдаун во Франција и Германија се однесува на ограничено движење од регион во регон – појасни Пендаровски.

Тој вели дека полициски час со забрана за излегување од домовите во овој момент никаде не е на сила, ниту се размислува да се воведе кај нас.

Пендаровски смета дека е заблуда мислењето дека ако ние не го направиме тоа, ќе поминеме полошо со пандемијата.

Тој во името на сите присутни во состанокот да им се заблагодари на сите вклучени во борбата со Ковид-19. На денешната седница отсутни беа професорот Ненад Марковиќ кој имал работни ангажмани и министерот Оливер Спасовски, кој отсуствуваше бидејќи е позитивен на ковид-19.