Пауновски: Угостителите да се воздржат од отворање на објектите до нова одлука

87

Директорот на државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски апелираше до угостителите да продолжат да се придржуваат на одлуката на Владата и да не ги отвораат угостителските објекти бидејќи забраната за нивно работење се уште е на сила.

– Државниот пазарен инспекторат постапува исклучиво по одлуките коишто ги донела Владата. Согласно ова укажуваме дека се до моментот додека Владата не донесе нова Одлука, Државниот пазарен инспекторат ќе постапува и се што ќе констатира како неправилност ќе санкционира. Мора да напоменеме дека многу објекти се осмелија дури и во полициски час да отвораат и притоа се собираат граѓани. Во вакви случаи постапивме изминатите два дена во Тетово, Врапчиште и во Гостивар – подвлече Пауновски.

Државниот пазарен инспекторат постапуваше по утврдените неправилности и при тоа се затворени вкупно пет угостителски објекти во Кичево, Охрид, Тетово и Струмица, а за објектите во Охрид и Струмица ќе следуваат и кривични пријави.

Воедно се евидентирани 5 прекршока за непочитување на замрзнати цени или несоработка при надзорот, во повеќе населени места и се запечатени 3 кафемати во Штип. При контролите извршени во Виница, Кочани, Пробиштип, Делчево. Ресен, Прилеп, Кичево и во Скопје евидентирани се 18 прекршока за непочитување на одлуката за лична заштита и еден прекршок по одлука за ред и дисциплина пред и во трговските објекти.

Претседателката Филиповска-Грашкоска истакна дека Државниот инспекторат за труд, во горенаведениот период го зголеми обемот на активностите, при што реализираше вкупно 819 контроли кај работодавачи, по планиран распоред или по доставена пријава од граѓани. За периодот од 4 до 11 мај од страна на овој инспекторат донесени се 11 решенија и 39 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.

– Постапувајќи по препораката за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни, трудовиот инспекторат констатира дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораки за заштита на вработените од ковид-19, при што кај одреден број на работодавачи е евидентирано дека има работници кои работат и од дома – нагласи Филиповска-Грашкоска.

Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 214 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари.

– При тоа е издаден еден прекршочен платен налог заради промет со небезбедни производи, изречени се вкупно 5 решенија заради неспроведување на контрола на штетници и заштита од нив, неводење на записи или лоши хигиенски услови како и вкупно 12 казнени мерки едукации поради непримена на заштитни мерки против корона вирус, неводење евиденции за добра хигиенска пракса и неправилно означување на производите – посочи Филиповска-Грашкоска.

Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие пет дена изврши вкупно 69 контроли. При тоа е констатирано дека нема специфични отстапувања.