Пандемија на ковид и епидемија на говор на омраза

99

Хелсиншкиот комитет за човекови права во својот најнов извештај забележува засилено користење говор на омраза на интернет во услови на епидемија на вирусот. Само во април кај нив биле верификувани 112 пријави од оваа област.
Во извештајот на Хелсиншкиот комитет се посочува дека актуелниот говор на омраза на социјалните мрежи во споредба со истиот период минатата година е енормно зголемен, што е загрижувачка појава.

Во нивниот систем на следење на овие појави вовеле и нова категорија, односно говор на омраза врз основа на здравствена состојба. Само минатиот месец, по основа на говор на омраза врз основа на здравствена состојба биле утврдени 11 проценти од вкупниот број пријави, а има верификувани пријави и по основа на социјалното потекло, религијата и религиското уверување итн.

Социолозите и комуниколозите сметаат дека фрустрацијата од затвореноста кај граѓаните поради новите услови за живот очигледно се одразува најмногу на интернет.
Психологот Мирјана Стојановска Јовановска вели дека говорот на омраза насочен кон коронавирусот, но и животот во пандемија, е практичен израз на она што се носи внатре во човекот.
Според неа, ако се зголемил говорот на омраза кон пандемијата и болеста, тоа значи дека во овој момент кај граѓаните внатре во психата се случува нешто силно, а сето тоа очигледно има негативен контекст.
– За да исчезне овој нов тренд или форма на говор на омраза, луѓето мора прво да го решат тоа што е внатре во нив и што им ја мачи психата, а откога ќе биде анулирано тоа, верувам дека оваа форма на говор на омраза изразена на социјалните мрежи многу ќе се намали или ќе исчезне – вели психологот.
Таа вели дека овие случувања ни најмалку не се наивни и треба со голема доза на сериозност да се коментираат во нашето општество во моментите кога се справуваме со пандемија.

Професорот по социологија Ѓорѓи Тоновски вели дека говорот на омраза на социјалните мрежи е присутен на интернет во Македонија практично откога настанале овие форми на комуникација. Тој додава дека само сега, во време на живот во пандемија, оваа негативна појава добила своја нова содржина.
Социологот објаснува дека науката сѐ уште нема решение за овој негативен феномен на социјалните мрежи, но се надева дека тој ќе биде искоренет, исто колку што се надева и дека и пандемијата ќе заврши наскоро.
– Лично сметам дека сите форми на говор за омраза, а особено оваа што се случува во вакви критични времиња, треба најостро да бидат осудени. Иако кај нас има и закон против ова случување и јасна осуда од граѓаните, тоа, за жал, никако да исчезне, а со пандемијата очигледно добивме и нова содржинска димензија на проблемот – вели Тоновски.