Пазарот на трудот овој пат бара енергична реакција од надлежните

142
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Многу е важно Владата да овозможи едноставен и прецизен начин да изнесе со колку средства, во кои рокови и кои дејности ќе бидат поддржани, особено за рестартирање на најпогодените сектори по завршувањето на кризата, што треба да значи и ефикасно активирање на работната сила, вклучувајќи го и нејзиниот дел што во овој период е нефункционален, а не е мал. Се бара енергична, рапидна реакција во правец на реално информирање за моменталната состојба, со очекувања за адекватен одговор за поддршка на компаниите, работодавците, односно работниците во однос на така констатираните проблеми и решенија за што побрз излез

Први мај во светлина на коронавирусот

И маршевите на работниците со кои традиционално се одбележува празникот на трудот Први мај оваа година ќе стивнат. Или можеби и тие ќе се организираат виртуелно… Излетничките места годинава ќе мирисаат на штотуку никната трева, свежа роса и младо полско цвеќе, наместо на првомајските скари. Пикникот ќе биде заменет со семеен ручек во домашни услови. Коронавирусот и мерките за заштита, вклучувајќи го и полицискиот час, ги прекинаа традицијата и навиките на луѓето не само во Македонија туку и во светот. Но тоа што улиците ќе останат празни, без паради, не значи и дека работниците, вработените и почитта кон човековиот труд, работата и создавањето ќе бидат замолчени. Напротив, гласноста се очекува да одекне уште посилно, особено што од оваа корона-криза најмногу е погодена економијата, пазарот на трудот, па и работничките права.

Новите предизвици за Први мај

Илјадници работни места во светот и во Македонија изминативе два месеци, додека трае кризата, се затворени. Илјадници работници останаа без можност за остварување на правото на труд, работа и негова валоризација. Илјадници компании беа затворени. Светот како што ги брои заразените и жртвите од коронавирусот, така почнува да ги брои и работниците што останале без работа, а таа бројка во сите држави е два-три пати поголема од бројката на заразени лица со ковид-19.
Официјалната статистика во Македонија нема точна бројка колку луѓе изминатиот период останале без работа, но, според анкетите што ги правеа коморите меѓу компаниите во земјава, висок е процентот на изгубените работни места или намалените плати на работниците. Угостителскиот сектор е меѓу најпогодените, каде што се споменува бројка од над 20 илјади отпуштени во земјава.

Токму затоа синдикалните организации во Македонија, но и во светот, најавуваат гласност за овој Први мај, а парадите и протестите ќе ги заменат со виртуелни настани организирани преку социјалните медиуми.
Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, смета дека од состојбата со коронавирусот во земјата сите треба да извлечеме поуки, па затоа оваа година ССМ, наместо одржување на традиционалниот синдикален марш низ улиците, ќе ја дигитализира борбата за остварување на правата на работниците.
– Ова го правиме и по насока на другите светски организации, но и во насока на почитување на владините мерки за забрана за групирање. Социјалните мрежи ќе ни бидат од голема помош.

Здрави и безбедни работници, сигурни работни места, достоинствени плати и социјална заштита

Годинешното мото е поделено во четири сегменти, и тоа здрави и безбедни работници, сигурни работни места, достоинствени плати и социјална заштита, истакнува претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија.
– Секако дека корона-ситуацијата имаше влијание врз сето ова. Како ССМ, најдовме компромис меѓу работодавците и работниците да се надмине овој кризен период, но најчесто тоа се прави во оние претпријатија каде што има формирано синдикат – посочува Димовски.
Според него, најмногу се забележани случаи на работодавци од Скопје што отпуштиле работници без да ја известат Агенцијата за вработување.

– Наша интенција е и да им помогнеме на работодавците, а не да ги затвориме. Затоа бараме работодавците да ги применат мерките што изминатиот период ги предложи Владата. Имаме и барање на сите работници што биле отпуштени од 12 април годинава, Владата да им овозможи социјална помош од 10.500 денари, за да можат да егзистираат во овој период – заклучува Димовски.
Според дел од претставниците на синдикатите, работодавците и работниците треба да покажат трпение во овој период, бидејќи корона-кризата најмногу ќе се рефлектира врз економијата на државата.

Синергија меѓу работниците и работодавците за поголема валоризација на трудот

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци, вели дека коронавирусот направил огромни промени како во начинот на животот така и во одбележувањето на Денот на трудот, Први мај.
– Во последните години, како и насекаде во светот, и кај нас Први мај не резултираше со некои огромни протести на работниците, но, сепак, имаше симболично одбележување на празникот. Изминатите години тоа го правевме заеднички со Владата и со синдикатите, преку одржување седница на Економско-социјалниот совет, на која промовиравме донесување некои законски измени за подобрување на работничките права – посочува Димитров.
Според него, пазарот на трудот и работничките права се жива материја и еволуираат од година на година и затоа е потребно постојано да се следат промените и да се преземаат адекватни мерки.

– Во услови на преземени мерки за социјално дистанцирање, се разбира, трпат и бизнисот и работниците. Во зависност од законската поставеност на работничките права и можностите за отказ на договорите за работа, во секоја земја различно се постапува. За разлика од Америка, каде што отказот е либерален и работодавецот не мора да исполнува никакви услови да може на работникот да му даде отказ, во Европа правата на работниците при отказ од страна на работодавецот се многу построги. Кај нас Владата се обидува преку донесените економски мерки максимално да ги намали случаите на отпуштања работници. Според критериумите за добивање финансиска помош, таа ги заштитува не само вработените на неопределено работно време туку и вработените на определено работно време.

Но, и покрај ваквата заштита, неминовно е да се случат и отпуштања на работници во компаниите што ќе претрпат огромни штети во нивното работење. И овде не мислам само на дејностите туризам, угостителство, транспорт туку и на голем број мали и средни претпријатија што и пред кризата имаа проблеми во работењето и ликвидноста – објаснува Димитров.
Отворањето и затворањето компании, посочува тој, е секојдневен процес и секојдневно едни се отвораат, а други згаснуваат.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Во вакви отежнати услови на работење, нормално е бројот на компании што ќе се затворат и ќе ги отпуштат работниците да биде поголем. Затоа Владата треба да е свесна дека само со економски мерки за одржување на бизнисите и ликвидноста на компаниите може да спаси многу работни места. Во спротивно, разните повици и забрани за напуштање може само за кратко да го одложат тој процес, но во иднина секако ќе дојде до затворање на нерентабилните и неликвидните компании. Да се надеваме дека тој број нема да биде огромен и дека бројот на работниците што ќе останат без работа ќе биде мал – истакнува претседателот на Организацијата на работниците.

Владата да ги поедностави апликациите за помош, а мерките да бидат најенергични

Стопанската комора на Македонија посочува дека интензивните контакти што секојдневно ги прават со компаниите посочуваат дека се наоѓаме пред портите на големите проблеми што ни претстојат. Оттаму посочуваат дека бизнисот трпи штети уште од март. Според нивната анкета, половина од фирмите рекле дека работат со загуби. Велат дека е потребно носење мерки што ќе им помогнат на компаниите, бидејќи овие не се во согласност на потребите на бизнис-заедницата.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, последно предупреди дека кризата врз бизнисот, а со тоа индиректно и врз работниците, ќе се одрази веќе идниот месец, и тоа во гранките што го чинат извозот на државата, а тоа е металопреработувачката индустрија, каде што има голем број вработени.

– Прашањето за ликвидноста прво ќе затропа веќе кон средината на наредниот месец, а вакви информации пристигнуваат секојдневно во Комората. Од нас се бара енергична реакција во правец на реално информирање на Владата за моменталната состојба и очекуваме адекватен одговор за поддршка на компаниите во однос на така констатираните проблеми. Речиси е сигурно дека почетокот на јуни ќе го дочекаме во проблеми со извозот, бидејќи овој месец нарачките се сведени на минимум, што значи дека третиот квартал може да биде катастрофално лош. Според наши сознанија, на почетокот на јуни ќе има проблеми металопреработувачката индустрија, а од јули и другите гранки. Се најавуваат и проблеми при увозот, со оглед на актуелната ситуација и кај доставувачите – посочува Азески.
Според него, многу е важно Владата да овозможи едноставен и прецизен начин да изнесе со колку средства, во кои рокови и кои дејности ќе бидат поддржани, особено за рестартирање на најпогодените сектори по завршувањето на кризата, што треба да значи и активирање на работната сила, која во овој период е нефункционална.

– Успеавме јавно да ги наметнеме сите прашања што ја мачат македонската економија, сите прашања што долго време беа запоставувани, сите прашања што можат да го најдат патот кон остварување на клучните цели – владеење на правото, елиминирање на корупцијата, целосна рационализација на сите субјекти во државата. Понатаму, ќе се сконцентрираме на главните барања за итна финансиска поддршка без големи администрирања и комплицирања, насочена спрема оние дејности и гранки што можат да ја рестартираат економијата по завршувањето на здравствената криза – заклучува Азески.


Светски ден на првите жртви за работнички права

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Од 2007 година во земјава за неработен ден е прогласен само 1 мај, додека до 2006 година неработни беа и 1 и 2 мај.
Овој ден се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго, кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден. Организаторите на штрајкот биле изведени пред суд, а четворица од нив и погубени. Три години подоцна, на првиот конгрес на втората интернационала одржана во Париз било решено секоја година во знак на сеќавање на чикашките работници да се одржуваат масовни демонстрации.

[email protected]onija.com.mk