Кризниот штаб на Општина Охрид за превенција и справување со коронавирусот ковид-19, во согласност со мерките и препораките на Владата за ограничено движење, упати известување до сите маркети и економски оператори на територијата на општина Охрид, кои се регистрирани за онлајн-продажба, дека ќе може да вршат достава на продукти за итни и неодложни потреби за време на полицискиот час во текот на викендот.

Тие задолжително мора да испратат барање до Кризниот штаб на општина Охрид на следната електронска адреса [email protected] најдоцна до утре (среда) до 12 часот. Ќе биде дозволено движење на максимум 5 вработени лица (доставувачи) од маркет, кои треба да имаат соодветна заштитна опрема.

Се упатува известување до сите аптеки на територијата на општината, кои ќе работат за време на полицискиот час за време на викендот, задолжително да ги испратат потребните податоци на електронската адреса [email protected] најдоцна до утре (среда) до 12 часот. Ова е потребно за навремена координација со мобилните тимови на општина Охрид и охридскиот Црвен крст и СВР Охрид.

Се упатува апел до филијалите и експозитурите на сите банки што работат на територијата на општина Охрид да обезбедат редарски мерки за клиентите што чекаат на шалтерите и пред влезовите на банките, како и за банкоматите што се наоѓаат пред објектите на банките. Се упатува препорака до маркетите да вршат задолжителна дезинфекција на објектите во утринските часови, пред почетокот на работното време.

Се упатува известување до сите граѓани на Охрид кои имаат потреба од движење за итни и неодложни потреби за време на траењето на полицискиот час за време на викендот да испратат барање до СВР Охрид до утре (среда) до 12 часот. Кризниот штаб на општина Охрид упати барање до Кризниот штаб на Владата да изнајде решение за редуцирање или ограничување на движењето на граѓаните од Охрид кон Струга и обратно со цел поголема заштита и превенција на граѓаните.