Откриени фалсификувани средства за дезинфенција на пазарот

43

За пет дена, Државниот пазарен инспекторат затворил 20 угостителски објекти во повеќе градови, констатирал дека се продавале фалсификат средства за дезинфекција, утврдил зголемување на цени на цитрусно овошје кои Владата ги замрзна, како и други непочитувања. За ова информираше Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседателка на инспекциски совет, која повика граѓаните да пријавуваат само реални непочитувања на мерките од Владата, бидејќи има ограничен број на инспектори.

– Од 28 март до 01 април од шесте инспекторати се направени 5.200 надзори и општа констатација е дека поголемиот дел од субјектите ги почитуваат владините мерки за превенција од ширење на коронавирусот. Најголем дел од контролите во овие пет дена, вкупно 4261, ги направи Државниот пазарен инспекторат. Од нив, 823 се однесуваат на замрзнатите цени на одредени производи, а останатите се однесуваат на контрола на работата на трговските, услужни и објекти – рече Филиповска-Грашкоска.

Надзорот за продажба на фалсификувани средства за дезинфекција е во тек.

– Констатирано е дека има неосновани пријави на зголемени цени, особено на лимони кај одредени трговци. Со оглед дека има ограничен број на инспектори, апелираме да се пријавува само ако има реални непочитувања на владини мерки. Дополнително, од Државниот апзарен инспекторат е постапено и по пријава за фалсификат средства за дезинфекција, поконкретно, станува збор за фалсификати на средствата „Екосал“ и „Дезентал“, при што надзорот сѐ уште е во тек – додаде таа.

Инспекторатот утврдил и зголемување на цените на цитрусно овошје, иако Владата ги замрзна цените на дел од тие производи, односно, тие мора да се продаваат со цените кои ги имале заклучно со 11 март.

– Во овој период се затворени дополнителни 20 угостителски објекти во повеќе градови, како Скопје, Гостивар, Тетово, Струга и Битола. Истовремено, инспекторите во повеќе градови направија визуелни контроли при што констатираа дека поголемиот дел од угостителите ги почитуваат мерките. Во овој период Државниот пазарен инспекторат ги контролираше и кафематите. Во Штип е констатирано дека 34 кафемати не работеле. Дополнително пазарниот инспекторатот утврдил дека помал број на зголемување на цени на цитрусно овошје и други производи, иако тие цени се замрзнати. По укажувањето, цените се вратени како оние на 11 март – соопшти Филиповска-Грашкоска.