Опозицијата обвинува за доцнење со вакцините, власта тврди дека обезбедува вакцини преку три механизми

76

Преку три механизми, Владата предводена од СДСМ обезбедува вакцини против ковид-19, за 60 отсто од населението, реагира владејачкиот СДСМ откако претходно ВМРО-ДПМНЕ обвини дека освен Македонија, целиот регион почна со вакцинирање.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски рече дека Заев и Филипче лажно ветиле вакцини за македонските граѓани со секоја пратка од Грција и Бугарија, како и истовремен почеток на вакцинација со земјите од ЕУ.

– Вакцинацијата во Грција започна на 27 декември! Вакцините во Софија и во Атина пристигнаа на ден претходно, на 26 декември, и веднаш беа распоредени низ Бугарија и низ Грција. Ама пратка за Македонија немаше. Е па Зоране Заев, што е тоа навремено според тебе, кога ќе дојдат вакцините од Бугарија? Кога ќе дојдат вакцините од Грција? Кога ќе пристигнат нарачаните вакцини? Колкави се количините кои што ќе дојдат како помош, а колку се нарачани? Зошто ги нема до сега? – праша Стоилковски.

СДСМ во реакцијата наведе дека ВМРО-ДПМНЕ обезбедува само деструкција и лажни вести, и работи против интересите на граѓаните и државата.

– Безмалку една година ВМРО-ДПМНЕ предводена од губитникот Мицкоски го поткопува здравствениот систем, го погазува трудот на здравствените работници, а во последните недели шири лаги и невистини со кои се обидува да внесе вознемиреност во јавноста. Граѓаните да бидат спокојни, да не подлегнуваат на лажните тези на ВМРО-ДПМНЕ. Владата предводена од СДСМ, преку три механизми, ќе обезбеди вакцини против корона вирусот за вакцинирање на 60 проценти од населението. ВМРО-ДПМНЕ, како и досега ќе обезбеди само шарени лаги и деструкции – наведе СДСМ во реакцијата.