Онлајн наставата ги истошти родителите

825
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Онлајн наставата што траеше три месеци за сите е едно ново искуство, за децата беше најмалку проблематична, но за наставниците и за родителите дигиталната настава претставуваше голем предизвик

Наближува крајот на учебната година, а на распустот не му се радуваат само децата и наставниците туку и родителите, бидејќи онлајн наставата на мајките и на татковците им донесе дополнителна обврска. Онлајн наставата што траеше три месеци за сите претставуваше едно ново искуство, за децата беше најмалку проблематична, но за наставниците и за родителите дигиталната настава претставуваше голем предизвик.
Имено, наставниците им ги испраќаа работните задачи на децата преку платформата Класрум, но дел од домашните задачи родителите мораа да ги сликаат, да снимаат видеа, да ги препраќаат и генерално да се грижат сета техника во нивниот дом да биде во најдобар ред за да не дојде до технички проблеми при наставата преку Зум.

Дополнителен проблем е што многумина од родителите немаат можност да работат од дома, но и оние што работат од дома мораат најпрво да одговорат на работните задачи во својата компанија, а потоа да се занимаваат со дигиталната настава на своите деца.
– Одвај чекам да заврши учебната година. Јас останав да работам од дома, но децава добиваа многу домашни, кои треба да се сликаат, да се препраќаат, да се снимаат дури и видеа, така што трпеше мојата работа во компанијата за да можам да им помогнам на децата. Пред секој онлајн час што го имаа проверувавме интернет, камера, заднина, во еден момент имав чувство дека работам во некаква продукциска куќа – вели Зоран Трајковски, родител на основци од Скопје.

Тој додава дека искуството со дигиталната настава е добро, но дека треба да се направат неколку унапредувања, кои би овозможиле помал ангажман на родителите.
– Колку што забележав, платформата Класрум овозможува добро одвивање на наставата, само е потребна поголема дигитална едукација на сите. Добро е да се развие овој систем за да им овозможи на децата посамостојно да работат во него, без дополнителен ангажман на родителите. Едноставно, таму да се одвива целокупната образовна активност, од предавања, домашни, тестови… Да бидеме искрени, ние како родители не сме доволно стручни да им го пренесуваме знаењето на децата како нивните наставници – нагласува Трајковски.

Според него, треба да продолжи да се применува дигиталната настава и во иднина кога ќе има потреба.
– Кога ќе има разни вирози, особено големо загадување на воздухот, децата можат да останат дома и да ја следат наставата онлајн. Впрочем, се дигитализираат сите сфери, не гледам зошто тоа не би било случај и со образованието – категоричен е Трајковски.
И наставниците велат дека на почетокот на сите им било тешко.
– Знам дека не им е лесно на родителите бидејќи многу од нив одат на работа, работат во смени, немаат сите компјутер, ниту, пак, интернет дома. Дури кога ќе се вратат од работа родителите им ги читаат домашните задачи на децата од телефон, ги сликаат и ми ги испраќаат. Замислете мајка што се враќа во 16 часот од работа и има двајца ученици што ги чекаат неа и нејзиниот телефон за да ги решат задачите. Целосно ги разбирам родителите, но оваа ситуација нè затекна сите – вели Мирјана П., наставничка во едно од скопските училишта.

Таа додава дека и наставниците не можеле во целост да одговорат на новиот предизвик.
– И ние немаме сите дома опрема за онлајн настава, квалитетна камера, микрофон, стабилен интернет за да се одвива наставата без пречки. Згора на тоа, има и постари колешки, кои и не се снаоѓаат добро со работењето на интернет, така што преземаме и дел од нивните обврски. Како и да е, мислам дека во овие три месеца онлајн настава сите на некој начин се измачивме, но успеавме да ја доведеме учебната година до крајот – нагласува Мирјана П.

Неизвесноста за тоа дали вирусот би можел да земе замав наесен, ја остава отворена опцијата дигиталната настава да продолжи и од први септември.
– Ако има иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи – изјави министерот за образование Арбер Адеми.