Одбиен планот за нови вработувања во Пазарниот инспекторат

75

Државниот пазарен инспекторат нема доволно инспектори, но оние што ги има максимално се ангажирани во проверки за почитувањето на протоколите за заштита од ковид-19, рече денес директорот Стојко Пауновски. Тој соопшти дека денеска добиле известување оти планот за нови вработувања за оваа година им е одбиен.

– Дека имаме доволно инспектори-немаме, но максимално се искористени сите што ги имаме. Се што е инспектор советник и помлад инспектор и дење и ноќе се на терен. Имаме барање до Владата за нови вработувања, во планот за оваа година 20 нови инспектори, а 37 вработени, главно инспектори ни заминуваат во пензија до крајот на годинава. Денес добивме известување известување дека ни е одбиен планот, требало да се заштеди и максимално да ги искористиме капацитетите на другите институции. Но која е таа институција од каде што може да пратиме земеме инспектори и веднаш да го пратиме на терен? Една до две години трае обуката на младите инспектори – рече директорот Пауновски.

Тој е благодарен за дојавите што ги добиваат оти им помагале на вистинско место да ги испратат инспекторите.

– Благодарам на сите што ни вршат дојава. Колку и да се инспекторите на терен, додека се на едно место може да се прекршува на друго место. Потребна ни е помош од сите. Оваа битка не ја водиме само ние како Инспекторат туку ја водиме сите заедно – нагласи директорот Пауновски.

Од 5 до 11 октомври Државниот пазарен инспекторат направил 2.881 контрола и 290 вонредни инспекциски надзори поврзани за здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти, согласно важечките закони. Поднесени се 23 прекршочни пријави и 19 кривични пријави за непочитување на протоколите за заштита од Ковид-19.

Инспекторите за време на викендот без ДДВ регистрирале и 15 прекршоци на Законот за трговија и на Законот за заштита на потрошувачите. Тие контролирале дали истакнатите цени на производите се исти со цените запишани во деловните книги.