Ноќен клуб во Струмица одржувал забави и покрај забраната

303

И покрај забраната за работа на ноќните клубови, во Струмица се одржуваат забави со голем број на гости. Забавите се со музика во живо, а настапуваат популарни изведувачи од земјава. Пазарниот инспекторат во петокот направил контрола и веќе поднел кривична пријава за клубот „Аватар“, потврдуваат оттаму за „А1он“. Но, и покрај тоа, клубот, наводно, не престанал со работа, туку одржал и втора забава со друг пејач.

Директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, за „А1он“ вели дека петочната забава ја прекинале после 1 часот и ќе поднесат кривична пријава, а за тоа дали клубот е контролиран и вчера, ќе даде одговор откако ќе провери. Тој додава дека совеста и одговорноста на граѓаните е на ниско ниво.

– Ноќните клубови не смеат да работат. Во тек е подготвувањето на протоколи. Во петокот имавме контрола во „Аватар“ – Струмица. Забавата беше прекината после 1 часот и изготвен е записник, следи кривична пријава, а од судот зависи понатамошната постапка. За синоќа немам информација, инспекторите кои беа на терен, работеа до доцна во вечерта – вели Пауновски.

Клубот на социјалните мрежи помпезно ги најавувал журките. За петочната журка било побарано од посетителите да ги почитуваат протоколите, иако тие не се донесени. Понатаму, во поканата се наведува дека треба да се држи дистанца и често да се мијат рацете.