Нови 274 заразени и 11 починати од ковид-19 за една недела во Прилеп

164

Секоја недела во Прилеп се зголемува бројот на новозаразени од ковид-19. Од
Центарот за јавно здравје информираат дека изминатата седмица, односно во периодот од 15 до 21 февруари 2021 година, во општина Прилеп имало нови 274 нови случаи на ковид- 19, а од последици на коронавирусот починале 11 лица.

Речиси кај 50 проценти од новозаразените лица е детектиран британскиот сој на коронавирусот. Најчесто вирусот се ширел семејно, односно лицата, кои не ги кажувале контактите, се заразувале по семејни прослави. Од ЦЈЗ велат дека се очекува бројката на заразени и натаму да расте. Кај нив дневно се прават по околу 30 тестови, плус дополнително во инфективното одделение, и во Здравствениот дом, каде се вршат брзи тестирања.

Бројот на активни случаи изнесува 473, од кои 59 лица се наоѓаат на болничко, 367
на домашно лекување, а 47 се лекуваат во дневната болница. Во домашна изолација и самоизолација се наоѓа 321 лице.

Со зголемувањето на бројката на заразени, дневно се зголемува и бројот на хоспитализации во прилепската болница, која, освен на инфективното одделение, ги
отвори вратите и на двата ковид-центри, ушното и интерното одделение. Во полн ек е
вакцинацијата на здравствените работници од прилепската болница, а потоа се на ред од Здравствениот дом.

Според епидемиолозите најпогоден од корона вирусот моментно не е само општина Прилеп, туку и соседната Кривогаштани. Од новозаразените доминираат помладите, што е доказ дека британскиот сој на коронавирусот брзо се шири.

Инаку, од почетокот на пандемијата вкупниот број на заразени од ковид-19
изнесува 5.116, а од вирусот починале 254 лица. Ка.М.