Нема потреба од карантин во Прилеп

307

„Досегашните мерки даваат резултати и нема потреба од карантин, односно од дополнителни рестрикции кои би биле без значаен ефект.“ . Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче по посетата на Прилеп и средбата со градоначалникот Илија Јованоски и здравствените работници.

Неговата посета дојде по барањето од градоначалникот Јованоски за воведување карантин по алармантната состојба со заразени во Прилеп во последните дваесетина дена.

Според министерот Филипчe, Прилеп е во третина од градовите во државава во кои се уште има благ пораст на инциденцата на ново диjагностицирани во последните две недели.

-На национално ниво достигнато е едно „плато“ изминативе три недели, односно еднаков е бројот на новодијагностицирани случаи во болниците, посебно во Скопје, а тоа го констатиравме и денеска за болницата во Прилеп. Тоа значи дека има благо намалување на притисокот во однос на број на пациенти кои доаѓаат за преглед и за прием. Мора да потенцирам дека со оглед на тоа што огромен број од прогнозите, не се остварија и тоа не само кај нас туку насекаде во светот, а тоа е поради непредвидливоста на вирусот, мора да бидеме претпазливи. Притисокот кој беше во првите денови од ноември, сега е намален. Во Прилеп нема потреба да се воведуваат дополнителни рестриктивни мерки, бидејќи вака како што се димензионирани мерките даваат резултат – рече Филипче, во Прилеп, потенцирајќи дека  постоечките активности со затворени угостителски објекти после 21 часот, забрана на групирање во текот на 24 часа , даваат резултати.

Според него болницата во Прилеп е организирана, пациентите се сместени на 5 одделенија, а мобилизирани се сите лекари, медицински сестри и  помошно технички персонал.

Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски истакна дека од утре волонтерски во болницата се вклучуваат околу 35 матични лекари, а дека на терен се и волонтери кои посетуваат лица на кои им е потребна помош.

Инаку, според менаџерскиот тим во прилепската болница моментно се хоспитализирани 115 пациенти во сите одделенија,   а има и слободни места.

Tестови за Ковид 19 и брзи и ПЦР тестови, имало доволно, а до Нова година модуларни болници требало да добијат најкритичните градови во Македонија, а тоа биле Куманово, Струмица, Гевгелија и Струга.

Ка.М.