Националниот план за вакцинација e подготвен, се чека да пристигнат вакцините

247

Владата на денешната редовна седница го разгледа и прифати Националниот план за вакцинација против Ковид-19 во земјава и го задолжи Министерството за здравство и другите надлежни институции да го имплементираат и да доставуваат редовни месечни извештаи за остварениот напредок.

Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани.

Фазите, како што појаснуваат од Владата, ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација.

Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.

– За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктура и стручниот кадар кој досега ги спроведува вакцинациите во државата. Организацијата на системот ќе биде адаптирана согласно условите и во моментот кога ќе има поголем број на вакцини, вакцинацијата ќе се спроведува во поширок опсег со можност за вклучување на повеќе вакцинални тимови и отворање на пунктови – се вели во соопштението.

Националниот план, појаснуваат од Владата, опфаќа и безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.