Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предложените мерки за парична стимулација на матичните лекари кои ќе имаат одреден број вакцинирани пациенти наидоа на негативни реакции кај лекари. Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателката на Здружението на приватни лекари во кое членуваат голем број матични доктори во земјава, вели дека оваа мерка е неприфатлива за нив. Таа вели и дека Министерството за здравство не се обратиле до неа, ниту, пак, до здружението за да се консулираат за предложените стимулации.

За да се поттикне вакцинацијата за ковид-19, министерот за здравство Венко Филипче информираше дека ќе предложи до Владата да се дава посебна стимулација за матичните лекари. Имено, матичните лекари треба да добијат награда кога ќе надминат 70 проценти на вакцинација од вкупниот број на прикрепени пациенти, односно да добијат по 30 денари за пациент од вкупниот број пациенти кои се запишани кај нив.

Д-р Чолакова-Дервишова смета дека Министерството за здравство нема слух за потребите на матичните лекари кои во изминатите две години работат во тешки услови.

-Матичните се револтирани. Тие се еден од носечките столбови на јавното здравство. Министерството за здравство игнорански се однесува кон нас, а во тој правец е и новата стимулација, за која не бевме прашани за мислење и став. Ние не можеме да ги убедуваме пацинентите да се вакцинираат, бидејќи тоа е индивидуална одлука. Од друга страна, не можеме да гарантираме за безбедноста на вакцините, кои би можеле да предизвикаат негативни реакции кај некои од пацинетите кои би се вакцинирале – смета д-р Чолакова-Дервишова.

Матичните лекари го критикува предлог-моделот за нивна финансиска стимулација и со образложение дека не се сите матични лекари исти, некои од нив водат деца, а некои повозрасни лица и немаат иста шанса да делуваат. Матичните лекари, велат, водат пациенти кои се различен склоп на луѓе, па така не може сите од нив да бидат ставени во ист кош.

Професори на медицина предложија наместо парична стимулација за матичните лекари за вакцинираните пациенти да се укине партиципацијата за сите медицински услуги во 2022 година на сите вакцинирани лица, слично како што е за крводарителите.