Мицкоски: Нѐ чека тешка економска криза

212

Ова денес што го говорам не е за политички поени или дека по автоматизам треба да се критикува се она што доаѓа од Владата. Туку дека според објективни параметри ова нема да ја залечи економијата, а кризата ќе се позадлабочува. Мерките за стопанството и граѓаните кои ги донесе Владата се причина за огромна и сериозна загриженост дека не чека црна и тешка економска криза. Помошта која ја дава Владата не само што е задоцнета, прекасна туку и недоволна.
Пакетот мерки е огромно разочарување за граѓаните и бизнисот, по вторпат. Ова е далеку од доволно. Кога состојбата не била трагична сигурно некој ќе каже дека Владата се шегува со вакви мерки за стопанството. Не викам дека нема поединечни мерки кои не се добри, и нема да помогнат. Но ви викам, ви тврдам дека целиот пакет за помош не е вистински и не е доволна помош која му треба на стопанството и граѓаните, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според него, овој пакет нема споредба со она што го нудат државите од регионот. Србија помошта од 5 милијарди евра ја понуди кон граѓаните и бизнисот. Словенија 3 милијарди евра, Грција 6.8 милијарди евра и итн. Во Словенија сите само вработени од погодените бизниси ќе добијат помош од 700 евра. А, државата ќе им ги плати придонесите, 150 евра ќе добијат и сите редовни студенти во Словенија. Додаток на плата од 100 евра ќе добијат и семејствата со три или повеќе деца. А, оние кои ќе имаат дури и повеќе од три ќе добијат помош од 200 евра месечно.
Србија најави помош од 100 евра за секој возрасен граѓанин. Тоа се околу 520 милиони евра. А, со цела минимална плата ќе ги помогнат индивидуалните бизниси. Ова е како се справуваат државите околу нас.

ВМРО-ДПМНЕ во наредните денови најави дека ќе достави уредби со сила на закон за мерките кои што ги предлага.

– Да се отвори дебата на самата владина седница за да може претставникот кој што ќе биде таму и кој што е дел од техничката Влада да ги брани тие мерки. Првата мерка која што ќе ја доставиме е да бидат покриени до 50 проценти од трошоците по основ на бруто плата и за сето тоа ќе доставиме методологија. И тоа не само за месеците мај и април кој што ќе бидат исплатени во мај и во јуни, туку тоа ќе важи и за месеците март, април, мај и јуни, а потоа соодветно на ситуацијата ќе предлагаме нови мерки.

Втората мерка која што ја повторуваме по трет пат е веднаш да се интервенира во вториот задолжителен приватен пензиски фонд и средствата кои што во висина од 10 милијарди денари биле предвидени за оваа година, а веќе во првите два месеци јануари и февруари 1 и половина милијарда се уплатени во задолжителниот приватен пензиски столб да бидат веднаш со уредба со сила на закон пренасочени во единствениот државен задолжителен пензиски столб. На тој начин ќе се обезбедат дополнителни осум ипол до 10 милијарди денари – рече Мицкоски.

Тој предлага веднаш да се организира состанок кој ќе го води премиерот на Владата, вицепремиерот задолжен за економски прашања, министерката за финансии, претставници на највисокото ниво на македонските банки, финансиски институции, гувернерот на кој што ќе се разговара за мек трансфер на средства од благајнички записи во државни хартии од вредност. Да може Народната банка најпрво да ја намали каматната стапка од 1.75 на 1.5 или 1.25 да станат помалку тие атрактивни на сметка на тоа да бидат запишувани државни хартии од вредност преку министерството за финансии. Кои што можат доколку постои доверба кај банкарските и финансиски институции да бидат насочени за поддршка на бизнисот, поддршка на буџетот и конечно за поддршка на граѓаните во процесот за справување со пандемијата на корона вирусот.

– Веднаш состанок на кој што овие стерилизирани средства, оваа ликвидност од банките полека на мек начин ќе биде пренасочувана од Народната банка кон државата, односно министерството за финансии.Понатаму робустна, агресивна акција за испорачување на капиталните инвестиции. Мора капиталните инвестиции да се реализираат за да може да имаме паричен тек. Мора капиталните инвестиции робустно, масовно да бидат реализирани и испорачани, а со тоа да бидат повлечени сите кредитни линии кои што се поврзани со инфраструктурните капитални инвестиции.
Замрзнување на ануитетите во банките на граѓаните и правните лица. Не вака, не со определена корекција и не со репрограмирање туку веднаш замрзнување на ануитетите за отплата на главнината и каматата на граѓаните и правните лица во банките во период од 3 до 6 месеци. Веднаш со уредба со сила на закон.

Намалување на трошоците во буџетот. Ги поздравуваме сите оние намалувања на трошоците во буџетот како што се намалување на платата на избраните и именуваните функционери на минималец од 14.500 денари за месеците април и мај. Го поздравуваме укинувањето на додатокот на членовите на совети, на членовите на надзорни одбори на членовите на управни одбори се додека кризата не заврши. Но истовремено апелираме за намалување и целосна пренамена на средствата кои што се користат за партиски вработувања од времен карактер, за репрезентации, трошоци со договорни услуги. Веднаш рационализација на буџетските трошења. На тој начин ќе обезбедите неколку милијарди денари кои потоа можете да ги користите за поддршка на буџетот и за поддршка на стопанството. Сето ова кое што ВМРО-ДПМНЕ изминатиот го предлагаше нека биде ваш предлог. Заборавете дека ВМРО-ДПМНЕ го предложило и дека Христијан Мицкоски го предложил. Јас сум свесен дека поради вашата надменост тешко ќе си признаете дека ова е вистинскиот пат, но барем еднаш во вашиот живот ставете го пред партискиот интерес, државниот интерес и интересот на граѓаните. Прифатете ги овие мерки, прифатете за добрата и стабилна иднина на нашата држава и нашите граѓани – додаде Мицкоски.